25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИРаботнички права: секоја петта компанија го крши законот

Работнички права: секоја петта компанија го крши законот

Една од пет компании ги прекршува законите за работните односи. Ова го покажуваат извештаите на Државниот инспекторат за труд (ДИТ) кој лани извршил вкупно 20.183 надзори а констатирал 4.031 неправилност. Истражувањата на јавното мислење пак покажуваат дека секој втор работник добива дел од платата во плик, но и дека проблемот е најголем кај најмладите.

Инспекторите на терен – 55 контроли на ден!

Трудовите инспектори постојано се на терен, во просек секој ден вршат по 55 контроли. Лани најактивни биле во февруари кога посетиле 2.335 компании.

Од извршените над 20 илјади надзори биле констатирани нешто над 4 илјади повреди на законот. Најголем дел се однесуваат на прекршувања на одредбите за платите и надоместоците, а многу помал дел за неисплатена прекувремена работа, за одмор и отсуство. Во текот на целата година биле затекнати само 74 непријавени работници.

Инспекторатот во 2017-та примил 2.366 претставки од работници по што извршил и 2.366 проверки во фирмите.

Секој втор работник добива дел од платата во плик

И покрај постојаните инспекциски надзори голем дел од компаниите ги прекршуваат законите и тоа на начини кои тешко се докажуваат.

Ова го потврдува и неодамнешната анализа на Центарот за истражување и креирање политики според која 9% од вработените во Македонија немаат никаков договор за работа, а на 44% приходите им се целосно или делумно непријавени.

Но, проблемот не е само кај компаниите туку и кај работниците. Во анкетата 22.1% одговориле дека претпочитаат да бидат непријавени со повисока плата отколку пријавени со по ниска.

Проблемот е најголем кај неквалификуваните работници – само 56.8% од вработените со завршено основно образование имаат писмени договори за работа. Кај оние со средно процентот достигнува 72.4, а со високо 90.5.

Анкетата е спроведена на репрезентативен примерок од 1.097 испитаници во јуни 2016-та.

„Непријавената работа е една од главните манифестации на скриената економија која засега лица кои доаѓаат од различни социо – економски средини, која во исто време се карактеризира со широк спектар на можни негативни сценарија од социјални тензии, растечка нееднаквост и нерамномерни приходи до корупција и криминални активности“ се наведува во заклучокот од анализата.

За поефикасна борба со сивата економија се препорачува: намалување на даноците, сузбивање на корупцијата, поефективни бизнис стимулации, зголемување на ефикасноста на судскиот систем и воведување на построги закони.

Проблемот е поголем кај помладите

Прекршувањето на работничките права е поголемо кај помладите. Ова го потврдува истражувањето „365 работнички права за младите“ на Коалицијата СЕГА.

Тоа покажува дека 75% од анкетирани млади кои сметаат дека нивните права се само на хартија, дека 60% се недоволно информирани за своите права, додека 57% од нив се плашат да пријават било какво прекршување.

Според истото истражување околу 10% од вработените во Македонија работат само со устен договор или без никаков конкретен договор, додека 25% од невработените се подготвени да работат без договор, а 64% се подготвени да потпишат бланко отказно решение.

Анкетата е спроведена online на примерок од 1.239 испитаници.

К. Н.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП