25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУНИЦЕФ: Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа

УНИЦЕФ: Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа

Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа. И додека таа е во опаѓање во другите земји од Западен Балкан – овде отскоро е зголемена. Стапката на смртност кај новороденчињата – е бројката на деца од илјада новородени кои ќе починат во првите 28 дена од животот.

Таа е одраз не само на ефикасноста на здравствениот систем, туку и на развиеноста, сиромаштијата и социјалната благосостојба, стапките на заболувања и квалитетот на животната средина во земјите.

Денеска во Њујорк и во целиот свет, УНИЦЕФ ја започнува кампањата „За секое дете, живот“, свесен напор што произлегува од заложбата на владите смртноста на новороденчињата да стане минато. Во неа владите, здравствените институции, донаторите, приватниот сектор, семејствата и фирмите се повикуваат да го одржат секое дете во живот, насекаде.

„На овие бебиња можеме да им дадеме повеќе од еден ден, повеќе од еден месец – повеќе од опстанок. Можеме да ги спасиме повеќето од нив преку финансиски прифатливи, квалитетни решенија на здравствена заштита за секоја мајка и секое новороденче. Во нашиот контекст, тоа значи обезбедување соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ целата земја – особено за руралните жени, кои честопати се најоддалечени од здравствените служби. Затоа треба да се обезбеди пристап и брз трансфер во одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации“, апелираат од УНИЦЕФ.

Според организацијата, во земјава има одлични здравствени работници – но, лекарите и медицинските сестри се добри само колку што е добар системот во кој работат. „Не само што треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на податоци кои ги има во повеќето европски здравствени системи, туку и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применуваат. Во изминативе неколку години, акцентот беше врз реновирање и опремување, но како и со училиштата или полицијата – она што навистина е важно е човечкиот капитал и системите кои му помагаат да се развива и да им служи на граѓаните најдобро што може нудејќи им грижа што ја заслужуваат. Потребен ни е систем во кој квалитетот и темелноста ќе се наградуваат, а негрижата ќе се повикува на одговорност“, укажуваат од УНИЦЕФ.

Според нив, треба да се осврнеме и на другите критични фактори кои водат до компликации во текот на бременоста. Во земјава, скоро секоја четврта жена пуши за време на бременоста. Ова го зголемува ризикот од повеќе негативни здравствени исходи поврзани со бременоста, вклучувајќи и ниска родилна тежина, неонатална смртност, мртвороденче и предвремено породување. Идните мајки треба да бидат подобро информирани за знаците и симптомите на опасност и за ризиците при трудовите и породувањето. А најдобар начин ова да се направи е преку јакнење на мајките и семејствата да бараат и да добијат квалитетна здравствена заштита.

„Ја поздравуваме неодамнешната определба на Министерството за здравство да изработи Акционен план за секое новороденче, со цел да се решат овие недостатоци. Заедно со нашите сестрински агенции Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на ОН (УНФПА), УНИЦЕФ ќе ги поддржи владата и народот во исполнување на вроденото право на секое дете на живот“, се наведува во соопштението.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП