20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПазар на труд: над 200 илјади невработени и скоро 9 илјади слободни...

Пазар на труд: над 200 илјади невработени и скоро 9 илјади слободни позиции

Компаниите се жалат дека не можат да најдат квалификуван кадар, невработените дека не можат да најдат соодветна позиција. Ова е акутниот проблем на македонскиот пазар на труд – Државната статистика мери дека над 211 илјади луѓе се без работа, а Агенцијата за вработување објавува над 8 илјади слободни работни места.

ДЗС: 7.586 слободни работни места

Последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во земјава има 7.586 слободни работни места.

Најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија (2.568), потоа во трговијата (1.209), градежништво (655), угостителство (633).

Гледано по региони најмногу отворени позиции има во Скопски (3.846) и Пелагониски (946), а најмалку во Североисточен (166).

Според ДЗС во Македонија има 743.451 вработен и 211.363 невработени. Со тоа стапката на невработеност изнесува 22.1%.

АВРМ: 8.387 слободни работни места

Според Агенцијата за вработување (АВРМ) во моментов на пазарот на труд има 8.387 слободни работни места.

Најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија, трговијата и градежништвото, а најбарани занимања се продавач, работник во погон и општ работник.

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

АВРМ тврди дека заклучно со крајот на декември во земјава имало 102.394 невработени и 8.9443 заведени во категоријата „други лица кои бараат работа“.

По градови најмногу невработени има во Скопје (16.932), а потоа во Тетово (12.395), а најмалку во Кратово и Виница (по 737).

Меѓу невработените регистрирани во Агенцијата за вработување има и 33 доктори на науки и 919 магистри.

Над 12 илјади се високо а над 1.600 со вишо образование.

Македонија трета во светот по младинска невработеност

Со 50.1% младинска невработеност, Македонија е на трето место во светот по невработени млади во листата што неодамна ја објави Светската банка, а која се повикува на процените на Меѓународната организација на трудот за 2017 година.

Со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54.2% и Босна и Херцеговина со 67.5%.

Од регионот, пак, освен Босна најголема младинска невработеност има Грција (47.4%), Србија (33.7%), Хрватска (29.4%), Словенија (15.4%), Бугарија (15.0%).

Според дефиниција млади невработени се лицата од 15 до 24 години кои се подготвени да работат и кои презеле активности да најдат работа во последните четири недели.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП