29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРегулаторите на Македонија и Бугарија разговараа за поевтинување на роамингот

Регулаторите на Македонија и Бугарија разговараа за поевтинување на роамингот

Првите луѓе на регулаторните тела за електронски комуникации на Македонија и на Бугарија на средба во Скопје разговараа за можностите за намалување на цените на роаминг услугите меѓу претплатниците во Македонија и Бугарија.

При посетата на претседателот на регулаторното тело надлежно за електронски комуникации во Бугарија, Росен Жељазков на македонската Агенција за електронски комуникации (АЕК) Сашо Димитријоски во петокот се зборувало за активностите на двете регулаторни тела во изминатиот период и за продолжување на соработката согласно потпишаниот Меморандум за разбирање со цел да се продлабочи размената на искуство во областа на регулацијата на пазарот за електронски комуникации.

Од АЕК соопштуваат дека до Комисијата за регулирање на соопштенијата (КРС) упатиле покана Бугарија да се приклучи кон Спогодбата за регионален роаминг кој уште во 2014 година ја потпишаа надлежните министерства за електронски комуникации на Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Согласно член 4 на оваа Спогодба се предвидува дека во соодветна постапка кон неа може да пристапат сите држави вклучително и членките на Европската унија.

– Се разгледаа и дополнителни можности за владина и/или регулаторна интервенција за намалување на цените на роаминг услугите на претплатниците во овие две држави, се наведува во соопштението од АЕК.

По Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, на 23 ноември лани македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски потпишаа меморандум за разбирање со кој, како што беше најавено, ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг. Сега за минута разговор во роаминг од Бугарија во Македонија се плаќа меѓу 90 и 210 денари и 750 денари за мегабајт интернет.

Новини за најавеното намалување на цените во роаминг меѓу двете држави се очекуваат на претстојниот дигитален самит, чиј домаќин ќе биде Македонија во април, и на Самитот за Западен Балкан, што треба да се одржи во мај во Бугарија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП