„Витаминка“ денеска потпиша договор за купопродажба на имотот на „Брилијант“ од Штип со Комерцијална Банка АД Скопје.
Во сопственост на „Витаминка“ АД Прилеп преминува недвижен имот, објекти од 4.956 метри квадратни и земјиште со право на сопственост од 21.592 метри квадратни, подвижни ствари како и пренос на права од индустриска сопственост (трговски марки и индустриски дизајн), сè во вкупна проценета вредност од 7.300.000 евра.
Целта на инвестицијата е долгорочно обезбедување на суровинска база за производството и зацврстување на Друштвото како лидер во прехранбената индустрија во Македонија.
„Со денешниот потпишан договор започнуваме и конкретни чекори за реализирање на нашата деловна стратегија што ќе овозможи понатамошен долгорочен развој. Инвестицијата е во насока на модернизација и автоматизација на техничко- технолошките процеси, комплементарност и интегрирање во производството како и развој на нова група производи. Правиме еден голем чекор напред што ќе значи поголема и подобрена деловност на компанијата, максимално искористување на потенцијалите и зацврстување на позицијата на пазарот“, велат од „Витаминка“.