24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНародната Банка чува скоро 2.6 милијарди евра! За што се користат овие...

Народната Банка чува скоро 2.6 милијарди евра! За што се користат овие пари?

Народната Банка (НБРМ) чува 2 милијарди 577 милиони и 400 илјади евра. Девизните резерви пораснале за само 300 илјади евра за една година, а во меѓувреме беше издадена Евро обврзница тешка 500 милиони евра.

Според последните податоци заклучно со 31.01.2018-та НБРМ располагала со 2 милијарди и 93 милиони евра во хартии од вредност, речиси 241 милион во валути и депозити и скоро 240 милиони евра во монетарно злато. Заедно со останатите помали позиции вкупната вредност на резервите достигнува 2 милијарди 577 милиони и 400 илјади евра што е речиси исто како состојбата на 31.01.2017-та.

Во првите три квартали од минатата година девизните резерви имаа тенденција на постојано намалување, во последниот квартал се стабилизираа, а со јануарската Евро обврзница беше надоместена загубата.

„Најновите податоци за бруто девизните резерви за четвртото тримесечје од минатата година упатуваат на квартален раст, што е подобро остварување од очекуваното во октомвриските проекции… Надворешната позиција на економијата и понатаму се оценува како стабилна, при што движењата кај девизните резерви се поволни, а показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона“ заклучи комитетот за монетарна политика на НБРМ на седницата одржана минатата недела, пред да бидат достапни податоците за состојбата во јануари.

Девизните резерви освен во евра и американски долари се чуваат и во австралиски и канадски долари, како и во норвешки и шведски круни. Оваа практика стана поизразена пред неколку години откако се засили кризата во Евро зоната. Резервите ја гарантираат вредноста на денарот. И стојат на располагање на Народната Банка за регулирање на нерамнотежите во платниот биланс и на девизниот пазар.

Пред две години токму девизните резерви ја зачуваа стабилноста на денарот кога поради шпекулациите за наводна девалвација почна засилено повелување на депозитите од банките и претворање на денарите во евра. Тогаш НБРМ директно интервенираше на девизниот пазар, но воведе и низа други мерки кои до крајот на годината беа повторно релаксирани откако се стабилизираше девизниот пазар.

Гледано по години, во 2017-та девизните резерви се намалија за 277 милиони евра, во 2016-та пораснаа за 351 милион евра (издадена Евро обврзница), во 2015-та се намалија за 231 милион (отплата на доспеани кредити), во 2014-та се зголемија за рекордни 484 милиони евра (издадена Евро обврзница).

Со оглед на големината на економијата Македонија има солидни девизни резерви споредено со земјите во регионот. Така, нашата Народна Банка чува 2.577 милијарди евра, српската располага со 11.350, бугарската со 24.318, грчката со 7.535, албанската со 3.188, косовската со 890 милиони евра. Ова се последните достапни податоци за земјите од опкружувањето, се однесуваат на различни периоди од изминатата година.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП