29 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Види ја ти неа“ по „Санденс“, во конкуренција на најпрестижниот фестивал за...

„Види ја ти неа“ по „Санденс“, во конкуренција на најпрестижниот фестивал за краток филм во Клермон

По селекцијата во Интернационалната компетиција на Филмскиот фестивал во Санденс (18-28 јануари), каде што ќе има 4 проекции, кратометражниот игран филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски влезе и во официјалната програма на најпрестижниот фестивал на светско ниво посветен на краткиот филм кој веќе четириесет години се одржува во Клермон – Феран во Франција.

Станува збор за единствениот фестивал од А категорија специјализиран за краток филм, според FIAPF – Интернационалната федерација на асоцијации на филмски продуценти овластена за категоризација на фестивалите.

Почетоците на Интернационалниот фестивал на краток филм Клермон – Феран, во организација на асоцијацијата Sauve qui peut le court métrage, датираат од 1979 година, кога Филмското друштво при Универзитетот во Клермон – Феран организира Недела на краток филм – настан кој би прифатен со голем ентизијазам од страна на публиката и кој одговорил на очекувањата на многу професионалци. Фестивалот добива интернационален карактер во 1988 година кога покрај компетицијата на француски филм воведува и интернационална компетиција, која опфаќа филмови од другите земји. Низ годините прераснува во една од најзначајните платформи за кратката форма, а до својата триесетгодишнина е домаќин на публика од преку два милиона, илјадници филмови и стотици филмаџии. Денес, Клермон – Феран е најголемиот и најважен специјализран фестивал за краток игран филм, во смисла на посетеност и присуство на професионалци од сите страни на светот, но пред сè од аспект на квалитет и значајност.

На овој фестивал се откриени многу нови талентирани режисерски имиња, кои подоцна изградиле успешна филмска кариера. Токму затоа ова е огромен успех за „Види ја ти неа“, кој се вброи меѓу 73-те наслови во интернационалната компетиција, селектирани од вкупно 8696 пријавени кратки филмови. „Види ја ти неа“ ќе има осум проекции во рамките на 40. Клермон – Феран ИФКФ, кој ќе се одржи во периодот од 2 до 10 февруари 2018 година.

Kратометражниот игран филм „Види ја ти неа“ на режисерот Горан Столевски ја освои наградата „Мала камера 300“ на последното издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Влезе во официјалната селекција на краток филм на 34. Филмски фестивал во Санденс во организација на Санденс институтот основан од реноминираниот актер Роберт Редфорд.

Овој фестивал има за цел да ја поврзе публиката со уметниците во креирањето нови идеи, откривањето оргинални изрази и градењето на заедница посветена на независниот филм.

„Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

Горан Столевски е млад режисер роден во Македонија, а има дипломирано на Универзитетот во Мелбурн а дипломирал филмска и телевизиска режија на Викторијанскиот колеџ за уметности во Мелбурн. Живее и работи на релација Австралија- Велика Британија. Досега има реализирано повеќе од дваесет кратки филмови, прикажани и наградувани на повеќе интернационални фестивали.

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Пируника Киселички, Жарко Јовановиќ, Антонија Белазелкоска, Иво Антов, Виктор Арсов, Игор Ангелов, Симон Манасковски, Изабела Новотни, Милица Стојанова и Горан Илиќ. Горан Столевски се потпишува и како сценарист на филмот, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска.

Продуценти на филмот се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски. Филмот е во продукција на Црна мачка продукција, копродукција со Скопје филм студио, а финансиски подржан од Агенцијата за филм на РМ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП