19 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИTip of the week: Пасивна продажба

Tip of the week: Пасивна продажба

Како моја професионална деформација, многу често знам кога шетам по продавници, ресторани, кафулиња или други услужни места, да го набљудувам и  да го следам продажниот персонал за нивните вештини и односот кон купувачите. Од она што досега го имам видено, како некоја генерална констатација за продавачот во Македонија, можам да кажам дека е доста „пасивен продавач”.

„Пасивна продажба” значи дека продавачот (услужувачот) реагира само на прашања на купувачот / клиентот. Едниот прашува, а другиот одговара. И доколку не располага со некои информации, разговорот завршува со „не знам”. Многу ретко, некој што добро го познава производот, ќе ви направи негова добра презентација и ќе ви ги изнесе предностите на производот.

Од друга страна „активна продажба” значи да бидеме активно вклучени во разговорот, ние да поставуваме прашања и да го водиме разговорот. Не само да одговараме на прашањата и коментарите на купувачите, туку да ги предвидиме нивните потреби и желби и да им го понудиме тоа што им е потребно. Активно да ги слушаме и да направиме сè што е во наша моќ и да им одговориме на барањата. „Активната продажба” значи и контрола во процесот на продажба. Ако поставувате прашања, слушате внимателно, ако размислувате неколку чекори однапред, ако добро го познавате вашиот производ/услуга, и навистина ви е грижа и сакате да му помогнете на купувачот, вие сигурно ќе воспоставите целосна контрола на продажниот процес и веројатноста за успех и поголемо задоволство на вашите клиенти е гарантирано.

Во првиот случај имаме „реактивно размислување”, т.е. ги употребуваме информациите (оние со кои располагаме) само кога ќе бидат побарани од нас. Во вториот случај, размислуваме проактивно. Истражуваме, анализираме, поврзуваме и ги употребуваме информациите во најпрактична и корисна форма, со цел за остварување на најдобар резултат.

Проактивното размислување значи и креативно размислување. И со тоа доаѓаме до прашањето – дали ни е потребна креативност само за да напишеме некоја песна или насликаме некоја слика или, пак, потребна ни е и во продажбата и во другите професии?! Нешто што може да се разработи во некој следен неделен совет.

До тогаш, размислувајте проактивно и бидете „активни продавачи”. Воспоставете ја контролата и остварете поголеми резултати.

 

Со успех во промените,

Петар Лазаров

Член на тимот

МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

www.macedonia-export.com

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП