19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисот и жените - заработуваат помалку, напредуваат потешко

Бизнисот и жените – заработуваат помалку, напредуваат потешко

Од 743.451  вработени во Македонија 40% се жени, а 60% се мажи. Жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите. Само една од три фирми е раководена од припадничка на понежниот пол, најголем дел од нив се микро и мали и се од секторите трговија и услуги. Анализите на Евростат покажуваат дека и на ниво на Европската Унија има родова нееднаквост.

Секоја трета компанија е раководена од жена

Секоја трета компанија е раководена, а секоја четврта е во сопственост на жена. Истражувањето „Еднаква моќ за жените“ покажува дека жени менаџираат во 33% од компаниите, а во 27% се јавуваат и како сопственички.

Резултатите покажуваат дека 98% од испитаниците се запознаени со терминот ‘родова еднаквост’, 75% сметаат дека таа е важна, а 2.6% дека воопшто не е битна.

Ова е истражување е спроведено помеѓу 304 мали и средни компании во Македонија.

743.451  вработени – 40% жени, 60% мажи

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во работен однос се 291.416 жени, односно 39.2% од вкупниот број на вработени.

Македонската државна статистика нема податоци за просечната плата според полот односно за разликите во приходите меѓу мажите и жените, но оние кои се бават со оваа проблематика велат дека има големи отстапувања.

„Се уште стереотипите и предрасудите за определба на професија на жените кои се пониско вреднувани… Може да кажеме дека жената е се уште многу дискриминирана“, изјави неодамна Савка Тодоровска од Националниот совет за родова рамноправност.

Според истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“ во Македонија жените во просек заработуваат 12.5% помалку од мажите.

„Од економски аспект, жените се уште не се еднакви со мажите во Македонија. Имаат помала активност на пазарот на труд, имаат повисока невработеност и во просек заработуваат помалку“, вели Благица Петрески, „Finance think“.

Родова нееднаквост и во Европската Унија

Анализите на Евростат покажуваат дека на ниво на Европската Унија (ЕУ) жените во просек добиваат околу 20% пониски плати од мажите. Разлика има во сите земји членки. Најмали разлики од 5.5% има во Луксембург и Италија, а најголеми од 27% во Естонија, како и од 22% во Чешка, Австрија и Германија.

Податоците на Евростат покажуваат дека за секое 1 евро што ќе го заработат мажите, нивните колешки за истата работа добиваат по 84 евро центи.

Нееднаквоста меѓу мажите и жените на пазарот на трудот во ЕУ не постои само во висината на платите, туку и во раководните позиции што ги заземаат. Така, во 2015 година само една третина од менаџерите во ЕУ биле жени, иако припадничките на понежниот пол учествуваат со 43% во вкупната работна сила.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП