20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСите македонски еврообврзници - земјава должи над пет милијарди евра!

Сите македонски еврообврзници – земјава должи над пет милијарди евра!

Најновата еврообврзница е тешка 500 милиони евра, таа е шеста по ред издадена од Македонија. Кога јавниот долг достигнува 46% од БДП главното прашање е – за што ќе се користат парите?

Најновата еврообврзница тешка 500 милиони евра

500 милиони евра вложија меѓународните банки и фондови во македонската евробврзница која достигна каматна стапка од 2.75% и стапка на принос од 3.00%.

Трансакцијата беше изведена со посредство на Ситигруп, Дојче Банк и Ерсте Груп. Побарувачката била седум пати повисока од понудата односно над 3.5 милијарди евра.

„Ова е досега најниска каматна стапка за било која од македонските еврообврзници што е одраз на довербата кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал… Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година приливите од еврообврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови “ велат од Министерството за финансии.

Сепак, информацијата се криеше до последен момент. Иако уште на 3 јануари намерата за издавање на еврообврзницата била објавена во Службен весник, Министерството молчеше се додека веста не стигна од странските медиуми.

Најважно прашање – за што ќе се користат парите?

Експертите коментираат дека издавањето на еврообврзница е очекуван потег имајќи ја предвид проектираната потреба за финансирање на буџетот, но процесот требало да биде потранспарентен.

„Владата не отвори јавна дебата пред финализирање на издавањето на еврообврзницата“ сметаат во Finance think.

Уште поважно, според истражувачите од овој институт, е како ќе се користат позајмените пари.

„Остро се спротивставуваме на понатамошното користење на флоскулата ‘средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби’. Разбирливо е дека во техничка смисла, овие средства ќе се слеат во буџетот и ќе се користат за намирување на обврските како што тие доаѓаат. Но, во концептуална смисла, граѓаните мора да знаат за што се трошат нивните пари, и особено парите од високи задолжувања како ова“ посочуваат тие.

Досега издадени шест еврообврзници

Македонија досега шест пати издаде еврообврзница на меѓународните пазари.

Првата беше во 2005-та кога беа позајмени 150 милиони евра со камата од 4.6%.

Втората беше во 2009-та на сума од 175 милиони евра и каматна стапка од фантастични 9.8%.

Третата се продаде во 2014-та на сума од 500 милиони евра и камата од 3.9%.

Четвртата е од 2015-та во вредност од 270 милиони евра и камата од 4.6%.

Петтата е од 2016-та на сума од 460 милиони евра и со камата од 4.8%.

Шестата, најновата, е на сума од 500 милиони евра и камата од 2.7%.

Што е еврообврзница?

Еврообврзница е  должничка хартија од вредност издадена во разилчна валута од домашната, но на европскиот пазар.

Издавањето најчесто го прават меѓународни финансиски институции во име на позајмувачот.

Еврообрвзиниците се популарни поради нивната флексибилност – оној кој што ја купил не мора да чека да измине целиот договорен должнички период туку може да ја продаде и порано односно да тргува со неа за пари или други хартии од вредност на европските пазари на капитал.

Јавниот долг достигна 46% од БДП

Според последните податоци од Министерството за финансии кои се однесуваат на крајот на септември минатата година јавниот долг на Македонија изнесува 4.69 милијарди евра или 45.8% од бруто домашниот производ (БДП).

Државниот долг изнесува 3.87 милијарди евра или 37.8 отсто од БДП.

Во оваа сума не влегува најновата еврообврзница на сума од 500 милиони евра.

Во буџетот за оваа година е предвидено максимално задолжување на странскиот пазар во висина од 566 милиони евра. Владата ќе продолжи да се задолжува и на домашниот пазар. Максимално предвидените приливи од издавање на хартии од вредност два пати месечно до крајот на годината може да достигнат 288 милиони евра.

Годинава доспеваат обврски од вкупно 370 милиони евра, 200 милиони на домашниот и скоро 170 милиони евра на странскиот пазар, од кои 95 милиони за враќање сега во јануари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП