28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИздадена шестата еврообврзница со каматна стапка од 2,75 отсто

Издадена шестата еврообврзница со каматна стапка од 2,75 отсто

Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал денес издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од 7 години и каматна стапка од 2,75 отсто.

Според Министерстото за финансии, ова е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за која било од македонските еврообврзници како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. За споредба, каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975 и 9,875 отсто.

„Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница беше во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата, што претставува еден од најцврстите можни докази на довербата на инвеститорите во стабилноста на Македонија и во исклучително позитивните перспективи на македонската економија. Високата побарувачка овозможи да се постигне каматна стапка од 2,75 отсто на годишно ниво, односно стапка на принос од 3 отсто“, се вели во соопштението.

Како што е предвидено со буџетот за 2018 година, приливите од еврообврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на PBG-кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра, која достасува на крајот на јануари. Притоа, паралелно со издавањето на еврообврзницата, Македонија првпат изврши и делумен предвремен откуп на постојна еврообврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година, која достасува во декември 2020 и чија каматна стапка на издавање од 4,875 отсто е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75 отсто. Покрај каматните заштеди, со предвремениот откуп се намалува долгот кој достасува во 2020 година, односно значително се намалува ризикот од рефинансирање. Во текот на утрешниот ден предвидена е прес-конференција на министерот за финансии, Драган Тевдовски, по повод издавањето на еврообврзницата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП