29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРечиси 400 илјади автомобили на македонските патишта - најголем дел постари од...

Речиси 400 илјади автомобили на македонските патишта – најголем дел постари од 15 години!

Пад на продажбата и на нови и на половни автомобили – негативните трендови продолжуваат. На македонските патишта има речиси 400 илјади регистрирани автомобили, најголем дел од нив постари од 15 години! Владата подготвува и законски измени со кои ќе се одбележува секое возило во зависност од тоа количината на штетни гасови што ја испушта. Засега не се открива колку ова ќе чини или дали ќе има дополнителни давачки за поголемите загадувачи.

383.833 регистрирани патнички автомобили

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) на македонските патишта, заклучно со крајот на 2015-та година, имало вкупно 383.833 регистрирани автомобили.

Најголем дел од нив, 261.470, се произведени пред 2002-та година односно се постари од 15 години!

Според истите податоци бројот на автобуси изнесувал 3.243, на товарни возила 33.237, на мотори 10.050.

Според ДЗСвкупната бројка на сите регистрирани возила достигнува 442.962. Од нив, 226.513 се на бензин, а 203.643 на дизел гориво.

Пад на увозот и на нови и на половни автомобили

Според податоците на Царината во првите 10 месеци од 2017-та година биле увезени 4.445 нови и 16.256 половни автомобили. Во истиот период од 2016-та бројките достигнале 4.169 односно 22.213.

Овие податоци се совпаѓаат и со оние на Државната статистика – ако се споредат годините на производство се гледа дека со секоја измината година има повеќе регистрирани автомобили, а значително намалување се согледува во последните неколку години.

„Пред 5 – 6 години продававме и над илјада нови возила, во последните 2 – 34 години бројките едвај надминуваат двесте.  Пазарот е катастрофален, презаситен и со нови и со половни коли. Ова е првиот проблем, вториот е намалената куповна моќ“ објаснуваат во еден од поголемите салони за нови автомобили.

И кај користените автомобили состојбата е речиси иста – на интернет има илјадници огласени кои со месеци остануваат непродадени. И на плацевите кои препродаваат состојбата е далеку од сјајна.

„Кога го почнавме бизнисот пред пет години се случуваше да продадеме и по еден до два автомобила на ден, сега оваа скромна бројка ја достигнуваме на месечно ниво. Речиси и никој не влегува на плацот, барем да разгледа, да се распраша. Ги отпуштив двајцата помошници бидејќи не можев да ги платам , сега работам сам“ вели во несврзан разговор сопственик на ваков плац во скопско Визбегово.

Ќе се менува законот – построги контроли за автомобилите

Пред 18 месеци стапија во сила построгите критериуми за увоз на половни возила. Се забрани внес на автомобили со ЕУРО 3 стандард односно постари од 2005-та година. Ова дополнително го намали обемот на работа за препродавачите односно за увозниците на половни коли.

Но, Владата подготвува уште построги правила кои би стапиле во сила до почетокот на летото.

Планот е сите автомобили да имаат еколошки лепенки кои ќе бидат во различна боја и ќе покажуваат кој автомобил колку загадува. Со тоа на полесен начин би се селектирале сите оние кои треба да бидат исклучени од сообраќај при енормно загадување на воздухот.

„Во моментот се работи на Предлог законот за измена и дополнување на Законот за возила, односно се доработуваат деталите, кои треба да бидат вградени во одредбите на Законот за возила и во подзаконските акти од Законот за возила“, велат од Министерството за економија.

Нема информации колку би чинеле ваквите лепенки, тестирањето на автомобилите пред нивното издавање и уште поважно – дали поголемите загадувачи би плаќале и поголеми давачки, на пример при регистрација на автомобилите.
К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП