25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМКЦ ќе го одбележи својот 45. роденден со бесплатен мултимедијален настан

МКЦ ќе го одбележи својот 45. роденден со бесплатен мултимедијален настан

На 18 јануари (четврток) во Младинскиот културен центар традиционално ќе се одржи мултимедијалниот настан, Роденден. Од МКЦ најавуваат настан со многу уметност, забава и дружење за кој влезот, како и секоја година, ќе биде бесплатен.

Во продолжение, за сите заинтересирани следува и подетално запознавање со програмата предвидена по повод 45. роденден на МКЦ:

Во Галерија МКЦ ќе биде поставена изложбата на фотографии „Гледај во позитив“.  Во рамките на изложбата Наке Батев ќе се претстави со фотографии на тема „Втора шанса“, Томислав Георгиев со „EFFEGIES“ и Огнен Теофиловски со „И јас имам сон“.

Во Џебното кино ќе биде прикажан „Каде одат претставите што не се случуваат?“, авторски проект на Драгана Гунин, која воедно е и единствениот изведувач во перформансот. Станува збор за перформанс посветен на претставите што не се случиле, гледано низ призмата на театарски режисер и влијанието на политичката ситуација во работата.

Во кино „Фросина“ како и секоја година ќе се одржи поетскиот перформанс „Песнило“, на кој ќе се претстават млади поети. Настанот е куриран од Иван Шопов.

Покрај ова, во чест на роденденот на МКЦ, предвиден е и филмски маратон во киното „Милениум“, додека, пак, во планетариумот ќе се одржи настанот BLIND DATE, програма курирана од „Ако никој не свири“.

Како што информираат од МКЦ, во однос на музичката програма предвидени се настапи на:

„Обојени програм“ – бенд што постои речиси 4 децении и уште од првиот ден се наметнаа како состав со автентичен музички израз, а таа „автентичност“ не е лесно да се дефинира. Бранислав Бабиќ Кебра и „Обојени Програм“ преку својата музика ги канализираат The Fall, Joy Division, Slits, Raincoats… но, во текот на целото постоење успеваат да не звучат како некои од наведените. „Обојени програм“ се музички жанр сам за себе и нивната музика е неблагодарно да се споредува со кој било друг бенд.

„Милко“ е добро познат бенд на скопската публика. „Милко“ е бенд од западно Скопје формиран 2006 година од Сашо Митревски, Стефан Терпини и Никола Кузмановски.  Претходно работат под името „Nicotine“ заедно со Милко Митровски, го снимаат изданието „Nicotine“, кое е објавено декември, 2010. Во моментов бендот работи на материјалот за новиот албум, па публиката ќе може да слушне нешто и од новиот материјал, а секако ќе бидат изведени и постарите хитови на овој одличен скопски бенд.

Младиот белградски бенд „Визељ“ по 2 најавени концерта во Скопје, доаѓаат под мотото „трета среќа“. Првиот пат требаше да настапат заедно со постарите колеги „Репетитор“, но поради здравствени причини не успеаја да гостуваат на тој концерт. Вторпат беа најавени на ПИН конференцијата 2017, но поради временски неприлики повторно не се качија на бината на МКЦ. Инаку, овој млад и надежен бенд, нивниот постар колега, Никола Врањкович, го опишува во една реченица како „бенд кој има нешто што го имаа Шарло и нешто што го имаше Азра во раниот период“.

„The Local Blue“ се инструментален рок бенд од Скопје. Формирани се во 2016 година. Во бендот свират Кристијан Новковски (тапани), Владимир Бичковски (бас) и Кристијан Савиќ (гитара). Како инспирација за својата музика ги наведуваат Clutch, Ali Farka Touré, Jimi Hendrix, Rage Against the Machine и многу други андерграунд стонер и сајкеледик артисти.

За во бифето на МКЦ, пак, е најавен целовечерен сет на диџејската екипа „Funky Fresh“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП