23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако до поеколошки сообраќај во Скопје

Како до поеколошки сообраќај во Скопје

Екстремно загадениот воздух во Скопје отвора многу прашања, поврзани со способноста на властите да се справат со проблемот, со дефинирање на долгорочна стратегија како системски да се намали загадувањето, со таргетирање и елиминирање на клучните загадувачи од градот.

Ако се следи последната студија изработена во соработка со финска компанија, но и другите истражувања претходно, а сигурно истото би било и денес- најголеми загадувачи се некотролоираните фабрики, огревот на дрва, нафта и јаглен, градежната инвазија низ Скопје, особено на повисоките предели, како Водно на пример, сообраќајот кој изобилува со стари возила, со дизел автомобили и со јавен превоз со автобуси кои загадуваат со нафтата која ја користат како гориво.

Она што го најавуваат градските власти, како засилени инспекциски контроли, стопирање на градежните активности и слично, се само привремени и незначителни мерки. Граѓаните пак, соочени со последици врз нивното здравје, јавно повикуваат на итни и безусловни активности од страна на надлежните, како на пример да се воведе пар- непар во сообраќајниот режим, да се делат бесплатни маски за заштита, да се исклучат старите автобуси и возила, но и таквите предлози се јалови обиди на краток рок да се реши проблемот.

Ако според студиите и истражувањата на сообраќајот му припаѓаат 20 до 30 отсто од вкупното загадување на воздухот неопходна е сериозна анализа, која секако можеби би немала резултати одма, но за година, две до три може да се постигнат евидентни резултати. Владата пред извесно време најави дека ќе се зголеми акцизата на дизел горивата, вклучително и екстра лесното, кое најчесто се злоупотребува за мешање на дизелот за автомоблите, а со тоа да предизвика возачите да почнат да ја намалуваат употребата на дизел горива. Но дали тоа е доволно? Многу позначајна мерка би била кога екстра лесното гориво би го немало на пазарот токму заради загадувањето што го предизвикува врз животната средина, а при тоа би се следеле европските принципи за напуштање на дизел горивата, односно нивно отстранување од пазарот на горива.

Понатаму, нејасно е зошто Владата не сака да дефинира стратегија за поинаков јавен превоз? Минатата власт направи кардинална грешка и купи стотици автобуси од Кина кои возат на дизел, иако тенденцијата е тоа гориво да замине во историјата. Но после неколкуте години, кога Скопје во зимскиот период се претвора во гасна комора, како што впрочем е деновиве, станува јасно дека мора да се размислува за економски и еколошки ефикасен јавен превоз. Зошто на пример метанот не стане главно гориво за градските автобуси? Тоа е гориво кое има ниска цена, кое не загадува и кое станува светски тренд- колку побрзо Македонија се реши да го примени толку подобро.

Понатаму, уште една мерка за поеколошки сообраќај се автомоблите на електрична енергија, па затоа Владата може да субвенционира вакви возила, но и да помогне на нафтените компании да постават електрични полначи на бензинските станици. Значи, ако се сака има начини како да се реши загадувањето на воздухот од аспект на сообраќајот, но колку постои знаење и волја е друго прашање.

Можеме да се согласиме со ставот на властите дека ова прашање со загадениот воздух не може да се реши во еден ден или една сезона, но колку побрзо и посуштински му се пристапи на проблемот толку подобро за жителите на Скопје. Затоа мора да се почне да се делува денес, иако неопходноста наложувала да се почне од вчера, а како тргнало прашање е дали ќе почне и утре?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП