16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУспешно одржан првиот Иновативен камп во Македонија

Успешно одржан првиот Иновативен камп во Македонија

Ефикасно решение како да се намали сметката за електрична енергија е победничката иновација на еднодневниот Иновативен камп – натпревар на средношколци во претприемачки вештини, одржан во организација на Џуниор Ачивмент Македонија.

Вкупно 140 средношколци од 28 средни училишта од земјава беа поделени во тимови од шесторица и добија задача да осмислат производ или услуга што ќе придонесе за енергетска ефикасност во заедницата. Секоја група беше задолжена да осмисли бизнис план за својата компанија и да го презентира пред жири комисија и пред останатите, како замислува да ја реализира својата идеја, која би имала широка употреба во корист на општеството.

Учениците ги воодушевија присутните со своите иновативни решенија од прочистувачи за воздух, микро контролори за заштедување на електрична енергија, преку идеи за производство на економични светилки, клима уреди на соларни колектори, до батерии на соларна енергија, модуси за рециклирање на пластика и хартија и иновативни идеи за создавање на био гориво од растително потекло.

На крајот од настанот жири комисијата одлучи првото место да и го додели на групата сочинета од Викторија Димитриевска (Скопје), Дарио Петроски (Скопје), Ирена Илиева (Струмица), Надица Крстева (Кавадарци), Ахмеда Мустафова (Берово) и Никола Петрески (Охрид).

Нивната компанија која нуди услуга во вид на апликација, може да им помогне на сите кои сакаат да купат нов електричен производ, за поволна цена, а едновремено да ја намали и сумата на нивната сметка за електрична енергија. Апликацијата има за цел да ги подредува електричните производи по најмала потрошувачка на електрична енергија и со тоа да придонесе за енергетската ефикасност во заедницата, а и семејниот буџет, заштедувајќи електрична енергија.

„Производите во апликацијата ќе бидат подредени од производи со најмала потрошувачка на енергија, до оние со најголема. Клиентите ќе можат да ја изберат најповолната цена за својот буџет, со тоа што ќе има поле, каде што ќе се внесува буџетот со кој што располагаат. Второстепената намена, покрај услугата за пронаоѓање на производ со најмала потрошувачка на електрична енергија е и онлајн нарачка на производот или локацијата од каде може директно да го купат избраниот производ“ објаснуваат победниците.

Втората награда припадна на група ученици со бизнис план за самоодржливи возови и третата награда на ученици со бизнис идеја за еколошко производство на обновлива енергија.

Во своето обраќање до учениците, директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалез, го изрази своето огромно задоволство за успешно реализираниот натпревар.

„УСАИД е посветен на работа со младите во Македонија. ЏУНИОР АЧИВМЕНТ е еден од најдобрите примери како да се подготват идните генерации за светот на бизнисот, откако ќе завршат со образованието. Ова е програма преку која се спојуваат повеќе елементи од општеството, бизнис секторот и општините и која им овозможува на учениците да добијат практично претприемничко искуство и да добијат претстава за тоа што можат да направат во иднина“, рече Гонзалес.

На почетокот на следната година, Владата на Република Македонија и ЏУНИОР АЧИВМЕНТ Македонија ќе потпишат официјален договор, што ќе значи дека програмата за Ученички компании во чиј состав е и Иновативниот камп ќе биде целосно поддржана од државата.

Џуниор Ачивмент Македонија е дел од глобалната мрежа Junior Achievements Worldwide. Програмата во Македонија е поддржана од УСАИД, а натпреварот е дел од програмата за ученички компании, која ќе се спроведува во средните училишта во текот на целата учебна година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП