20 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗLand Rover го крие новиот Defender поради страв од кинезите

Land Rover го крие новиот Defender поради страв од кинезите

Наследникот на легендарниот теренец ќе биде претставен во 2018-та, а „Land Rover“ ќе ја прескокне вообичаената фаза за прикажување на концептно возило, затоа што стравува дека некои од кинеските производители би можеле да направат копија и да лансираат на тој пазар автомобил пред оргиналниот продукциски модел.

По седум децении, „Land Rover“ одлучи да го испрати во пензија познациот „Defender“ чиј дизајн незначително се менуваше од почетокот на производството, од крајот на 40-тите години на 20-тиот век.

Наследникот ќе биде значително модернизиран, а неговата премиера се очекува кон крајот на 2018-та година.

Изгледот на овој автомобил, кој моментално има кодно име „L663“, нема да биде откриен пред јавноста се додека не биде подготвена продукциската верзија, затоа што производителот се откажа од намерата прво да претстави концептен модел.

Оваа одлука е мотивирана од стравот за плагијат на дизајнот на автомобилот, со оглед на негативното искуство на „Land Rover“ во минатото кога еден кинески производител направи копија на моделот „Range Rover Evoque“ и го понуди на домашниот пазар по значително пониска цена од оргиналниот автомобил.

Компанијата „Land Rover“ по тоа се обиде да ги заштити своите интереси во Кина по судски пат, и се повика на патентните права, но во тоа не успеа затоа што локалните власти изненадувачки го прогласиле за неважечки патентот за моделот „Evoque“.

Образложението било дека клонираниот модел се појавил во јавноста една година пред него што „Land Rover“ го заштитил дизајнот на своето возило во кинескиот завод за патенти.

Кога станува збор за идниот „Defender“, „Land Rover“ уште во 2011-та ја претстави дизајнерската студија „DC100“, која би требало да послужи како основа за идниот продукциски модел, но по негативните реакции се откажа од понатаможен развој на овој концепт.

Инаку, заштитата на дизајнот на возилото не е единствениот проблем со кој компанијата се соочува при планираниот развој и производство на новиот „Defender“. За овој модел да биде економски исплатлив, неопходно е годишно да продава барем 100.000 примероци, додека годишната продажба на стариот „Defender“ последните години изнесуваше едвај 20.000 примероци.

Се очекува новиот модел да биде поставен на модифицираната верзија на „D7“ механичката платформа која ја користат актуелните модел „Range Rover“, „Range Rover Sport“ и „Discovery“, a зa погон ќе биде употребено семејството „Ingenium“ на бензински и дизел агрегати.

По премиерата која е планирана за крајот на 2018-та, новиот „Land Rover Defender“ се очекува да се појави во продажните салони во текот на 2019-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП