29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКрај на една ера: Американските патници се збогуваат со „Џамбо џет“

Крај на една ера: Американските патници се збогуваат со „Џамбо џет“

Ги има испишано некои од најубавите страници во историјата на воздушниот сообраќај, стана авион на американските претседатели и летало што многу придонесе за развој на масовниот туризам. Меѓутоа, „боинг 747“ набргу ќе се прости со американските патници, речиси 50 години по првиот лет.

„Боинг 747“ му даде крилја на светот. Тој ги смали границите меѓу нас“, изјави Мајкл Ломбарди, експерт за историјата на компанијата „Боинг“, чиј заштитен знак е токму овој џин во воздухот.

„Одеднаш можеше да се патува од Лондон до Сингапур. Светот стана достапен за помалку од 24 часа“, додава експертот за воздухопловство, Мишел Мерлузе.

Компанијата „Делта ерлајнс“ на 19 декември ќе ги повлече леталата „боинг 747“ од својата патничка флота, а последниот лет ќе биде изведен на линијата Сеул – Детроит. По овој датум, ниту една американска авиокомпанија нема да има авиони од типот „747“.

Меѓутоа, други светски познати авиокомпании, како „Луфтханза“, „Бритиш ервејс“ и „Кореан ерлајнс“, и натаму ќе располагаат со летала „боинг 747“.

За конечното простување со патниците, „Делта“ нуди летови вклучувајќи и еден на 20 декември за повеќе свои партнери и лојални клиенти за кој билетите се распродадени преку онлајн-аукција, што само укажува на носталгијата што ја чувствуваат илјади вљубеници на овој авион кој веќе има свое место во најголемиот музеј за аеронаутика, дури и пред дефинитивното пензионирање.

„Ова е крај на една епоха“, вели Боб ван дер Линден од одделението за воздушен транспорт и вселена во музејот „Смитсонијан“ во Вашингтон. „Станува збор за авионот што овозможи авиосообраќајот да биде достапен за широката јавност“, додава тој.

„Голем е и многу удобен. Прозорците се далеку од вас, има простор, можете добро да се одморите во текот на патувањето“, вели Ван дер Линден.

Авионот е познат и под прекарите „кралица на небото“ или „џамбо џет“, а негова карактеристика е задебелениот преден дел на трупот. Во зависност од верзијата, може да превезува повеќе од 600 патници, има четири мотори и две нивоа за патнички седишта, од кои повисокото е наменето за патниците од прва класа.

Досега се испорачани повеќе од 1.500 авиони од овој тип, а околу 500 и натаму се во употреба, според податоците на компанијата Flightglobal Ascend. Но, се очекува и овие бројки да се намалат бидејќи одржувањето на овие летала е скапо.

„Боинг“ одлучи да не го заменува овој авион со друго летало со иста големина или поголемо. На пример, „боинг 777“, кој комерцијално се користи од 1995 година, е помал (до 550 седишта) и заштедува гориво бидејќи има два мотора.

„Искрено, нема побарувачка за авиони што може да пренесуваат толку многу патници“, вели Ренди Тинс, потпретседател на „Боинг маркетинг“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП