19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев: Создаваме стабилна бизнис-клима и одржлив економски модел

Заев: Создаваме стабилна бизнис-клима и одржлив економски модел

Создаваме стабилна бизнис-клима и одржлив економски модел, што Македонија ја позиционира како крајна и стабилна бизнис-дестинација за инвестирање, порача претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на средбата со претставниците на бизнис-заедницата на Косово во рамките на еднодневната официјална посета на оваа земја.

„Остваривме инспиративни средби, особено во делот на развојот на економските врски меѓу двете земји. Инфраструктурните објекти, автопатот, ќе биде дополнителна мотивација за унапредување на соработката во бизнисот меѓу деловните луѓе. Искрено ги повикуваме сите да го инвестираат својот капитал во Македонија за што ќе добијат еднакви шанси и можности од државата. Политиките на отворени врати, засилената добрососедска и регионална соработка и добрите односи со земјите членки на ЕУ и НАТО веќе ги даваат првите резултати на зголемен интерес за инвестирање во Република Македонија“ рече Заев.

Тој истакна дека Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, како и дека трговската размена се одвива слободно, без царини, и во неа Република Македонија остварува суфицит.

„Во 2016 имавме пораст на обемот на трговска размена. Можеме и мораме да ја унапредиме и да ја зголемиме трговската размена. Македонија и Косово поведоа иницијатива за формирање заедничка економска зона, царинска унија и олеснување на граничните процедури. Имаме заеднички интерес и за формирање заеднички компании и оператори за менаџирање на енергетската мрежа, железничкиот и авиосообраќајот.
Повеќе македонски компании имаат свои претставништва во Косово. Во исто време има инвестиции од Косово во Македонија. Сметаме дека има услови и можности оваа досегашна статистика сериозно да се промени на подобро. Затоа сме тука. Ги очекуваме вашите сугестии за да биде уште подобро. Да отвориме нови деловни можности и нови работни места за нашите граѓани“, нагласи Заев.

Да испратиме силни пораки дека како одговорни влади имаме обврска да создаваме силна основа за развој на економската соработка. Таков може да биде заедничкиот царински терминал, на кој ќе ги олесниме максимално процедурите и царинската постапка ќе ја сведе на едноставна формалност.

Се надеваме набргу да го завршиме автопатот Скопје – Приштина. Настојуваме делницата Скопје – Блаце, во должина од 12,5 км, да ја следи динамиката на работите на делницата од Приштина до границата.

Новиот автопат ќе ја олесни комуникацијата меѓу Скопје и Приштина, ќе ги зголеми транспортот и трговијата и ќе ја унапреди економската соработка.

Сметаме дека тоа е сериозен дел од мозаикот според кој Македонија ќе се препознава како пријателска земја за бизнис за инвеститорите од Косово, истакна премиерот Заев на средбата со претставниците на бизнис-заедницата од Република Косово.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП