20 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Предстечајно решение - Санатор

КОЛУМНА: Предстечајно решение – Санатор

Во една од претходните колумни кога пишував за кредитниот мораториум, пишував и за така нареченото стручно тело кое треба да биде еден вид предстечаен управник на друштвото каде се применува мораториумот. Стручното тело треба заедно со најголемите доверители и менаџментот на фирмата да ја извади фирмата од криза или успешно да ја продаде на нов или нови сопственици.

Во медицината најважно е болниот да ја прифати својата состојба (болест) и да посака да се излечи. Негирањето на болеста и небарањето помош само ја влошува состојбата и често може да биде кобно. Исто е и со фирмите, негирањето на проблемите и ненавременото реагирање доведува до истото како и во медицината, а тоа е смрт на фирмата. Но престанувањето на работа на фирмата има повеќеслојни последици и страшни индивидуални приказни.

Ова стручно тело (да го наречеме Санатор) може да биде приватна фирма, или фирма во мешовита сопственост меѓу банки, приватни консултантски фирми и државата. Ова тело или фирма – Санатор, треба да биде лиценцирано од соодветните институции во државата. Зошто во мешовита сопственост, затоа што во капитализмот се е водено од интересот т.е. заработката. Па така ова тело можеби нема да носи големи заработки за друштвото и доверителитe,  но најмалце што треба да направи е да ги намали загубите на доверителите, сопствениците на бизнисот и работниците (со што ќе влијае на вкупната добивка). А од друга страна државата треба со издавањето на лиценцата или учествување во сопственоста во ваква фирма – Санатор да биде гарантот за почитување и спроведување на законот и заштитник на вработените.

Крајниот ефект на Санаторот треба да биде успешно преструктуирање на фирмата со воведување на нови менаџмент практики, нови или подобрени произоди, примена на нови технологии  на производство или нејзина успешна продажба. Под успешна продажба подразбирам продажба каде повеќето страни: сопствениците, банките и другите доверители, а секако и вработените, ќе бидат задоволни од условите на продажба. Санаторот нема да смее да отпушта луѓе од работа (освен ако не се огрешиле во работењето или не прекршиле или прекршуваат закон), туку во програмата за санација треба да предвиди и програми за дообуки или преквалификација на вработените или да им понуди соодветна отпремнина за да напуштат работа.

На почетокот треба да се дефинираат условите кога може да се активира механизмот Санатор. Може да важат истите или слични услови кои важеа и за кредитниот мораториум:

  • Вкупна изложеност (долг) над 200.000 ЕУР,
  • Просечен годишен прилив во изминатите три години на друштвото над 30.000.000,00 мкд,
  • Број на вработени над 25,
  • Вкупен износ на доспеани долгови и рати за кредит, во износ над капиталот на друштвото и со над 45 дена доцнење.
  • Да се дефинираат дејности со која се занимава фирмата за кои ќе важи ова правило (ова да не важи за трговски фирми).
  • Право на активирање на Механизмот – Санатор, покрај сопствениците да имаат и Банките и поголемите доверители.

По дефинирањето на критериумите, односно со нивно исполнување се аплицира за помош од Санаторот. За тоа се известува соодветните државни институции и сите доверители и се активира кредитниот мораториум.

Останува да се најде начин како да се платат доспеаните обврски кон добавувачите. Можни начини се факторинг компанија, новоформиран државен или приватен фонд, или уште подобро Санаторот да ги исплатат или превземат заостанатите долгови кон добавувачите постари од 45 дена (за банките ќе важи кредитниот мораториум). Се разбира ова превземање на долговите нема да биде без интерес, односно превземачот на долгови ќе си ги поврати парите и ќе заработи некоја договорена камата од идните приходи или од продажба на друштвото.

Откако ќе започне со работа Санаторот ќе го превземе комплетното управување со фирмата и ќе има определен рок од шест месеци до една година да ја врати фирмата во кондиција или да ја продаде на еден или повеќе инвеститори. За успешно завршената работа Санаторот од идните приходи на друштвото ќе си наплати соодветна награда.

Како што треба да има дефинирани критериуми за активирање на Санаторот треба да има и критериуми за да престане односно да се деактивира Санаторот. Односно критериуми фирмата да се врати во нормално работење (на старите сопственици) или да се пристапи кон стечај или активирање на хипотеките.

Имајќи ги во предвид сите досегашни лоши искуства со стечаите на фирмите, превземањето на имотот од страна на банките, како и тоа дека многу луѓе останале без работа, а и добавувачи без можност да си ги наплатат своите побарувања, сметам дека овој механизам односно фирма ќе има успех. Во моентов ми текнува барем на десетина големи индустриски комплекси кај кои ќе беше се поинаку ако се пристапеше со решавање на проблемот со користење на Санатор.

Се разбира, секој може да спори дека рокот од шест месеци до една година е прекраток или наградата за успешно завршената работа на Санаторот ќе е премала или преголема, дека како паталец премногу се грижам за вработените или не знам веќе што. Но ај пак да се повикам на медицината и да се сложиме дека превенцијата е секогаш најдобар лек за секоја болест.

М-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП