23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАAвтобусите на ЈСП ќе возат бесплатно до Средно Водно и за продолжениот...

Aвтобусите на ЈСП ќе возат бесплатно до Средно Водно и за продолжениот викенд

Во деновите од претстојниот продолжен викенд (08, 09 и 10 декември) граѓаните ќе имаат можност со автобус да се искачат до Средно Водно и да се рекреираат на чист воздух.

На рекреативците на располагање им се двете нови пробни автобуски линии 25А и 25Б, како и постојната линија со број 25, коишто за време на викендите и државните празници се бесплатни, информираат од Град Скопје.

Инаку, градските власти почнувајќи од 25 ноември годинава воведоа забрана за движење со возила на патот до Средно Водно, која важи секој викенд и за време на државните празници. Оваа забрана важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.

Двете нови пробни автобуски линии сообраќаат по принципот на „шатл-линии“, односно, автобусите се полнат со патници на почетната станица и возат без застанување до Средно Водно.

Пробната линија со број 25А сообраќа на релација Автомакедонија (Стара железничка станица) – Средно Водно, додека линијата со број 25Б сообраќа на релацијата Дом на печат – Средно Водно.

Воедно, Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека од 9 до 16 часот е забрането движењето со возила до Средно Водно и дека непочитувањето на оваа забрана ќе се казнува според Законот за безбедност на патишта на Република Македонија, според кој висината на казната изнесува 45 евра во денарска противвредност.

Забраната за движење моторни возила до Средно Водно нема да се однесува на автобусите на ЈСП, возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП