28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЗапочнува клупската програма на „Десонанз 2017“

Започнува клупската програма на „Десонанз 2017“

Во соработка со фестивалот „Таксират“, вечерва започнува клупската програма на деветтото издание на музичкиот фестивал „Десонанз“.

Во салата „25 Мај“ во МКЦ вечерва ќе настапи истакнатиот ветеран на светската хаус, техно и електросцена, Delta Funktionen од Берлин. Сетовите на Delta Funktionen се легендарни во својата техничка софистицираност и прецизност, како и суровата креативна енергија што го движи подиумот низ неговите препознатливо долги сетови. За загревање на публиката и затворање на вечерта задолжени се нашите диџеи Apostolski (Drop Series) и Mitrik (Room 313).

Утревечер на малата сцена во Македонската филхармонија, со својот несекојдневен проект Damien Dubrovnik, ќе настапат двајца од најпрославените модерни композитори во современата музика, Loke Rahbek и Christian Stadsgaard – сопствениците на културниот феномен и издавачка куќа posh isolation од Копенхаген. Публиката ќе има можност да го проследи и електроакустичниот настап на Vedis, како и ексклузивниот проект на македонските етноџез-експериментатори String Forces (во комплетен состав).

По концертот во Македонската филхармонија, следува настапот на маскираниот берлински техно/IDM-продуцент Headless Horseman во МКЦ. Headless Horseman е мистична фигура на електронската сцена и највозбудливиот хардверски техноперформанс во моментот на планетата. Овој перформанс е негово деби во Скопје и дел од светската турнеа на неговиот албум и видеопроект Sanctuary. Локална поддршка се диџеите Maggie (Code XX), Bodan Jamakoski (Audiobahn), Andreas Hz (Broccoli) и Martchin (BTKRSH).

„Десонанз“ е годишен фестивал кој истражува и експериментира со културните стандарди на мултимедијалната уметност, но и со границите на колективната естетика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП