19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИApple може да заштеди 47 милијарди долари од новиот американски даночен режим

Apple може да заштеди 47 милијарди долари од новиот американски даночен режим

Технолошкиот гигант „Apple“ ќе ги намали очекуваните даночни обврски со 47 милијарди долари, ако републиканците го протуркаат сегашниот даночен план. Така компанијата ќе стане најголем корисник на законодавството, кое сега е пред Конгресот, коментира „Financial Times“.

Огромниот обем на даночното олеснување, врз основа на пресметки од даночните експерти и „FT“, привлече внимание во последниве денови, откако Сенатот и Претставничкиот дом ги приближуваат позициите по третманот на износот од околу 1,3 илјади милијарди долари што американските компании ги држат надвор од земјата. Деталите за даночните закони се уште треба да се финализираат.

Потенцијалната неочекувана среќа за компанијата со најголема пазарна капитализација во светот потекнува од пониската даночна стапка која ќе биде наметната врз странскиот профит, кој во моментов се држи надвор од САД.

Како и многу американски компании, „Apple“ сака да држи поголем дел од меѓународниот профит во странство, наместо да плаќа корпоративна даночна стапка од 35%, ако ги врати парите назад во САД при сегашниот режим.

„Apple“ има странски кеш и инвестиции од 252 милијарди долари, што е околу една петтина од вкупните меѓународни средства на сите американски компании, посочува агенцијата за рејтинг „Moody’s“. Гигантот е многу пред „Microsoft“, американската компанија на второ место по показатели, која има 132 милијарди долари надвор од земјата.

Според агенцијата, компанијата ќе мора да плаќаат даноци за 78,6 милијарди долари, ако ги врати парите во земјата при сегашниот режим.

Според верзијата за даночна реформа на Сенатот, „Apple“ ќе треба веднаш да плати 31,4 милијарди долари за меѓународниот профит, посочува Ричард Харви, даночен професор во „Villanova University“. Оваа бројка ќе се намали до 29,3 милијарди долари, ако компанијата ја изгуби битката со Европската комисија за 13 милијарди евра кои ги должи назад на Ирска.

Разликата меѓу двата износи е најмалку 47 милијарди долари, што ја надминува годишната добивка на која било друга компанија во САД.

За разлика од другите американски корпорации, „Apple“ веќе одвои милијарди долари во последните години, за да одговори на потенцијалните даноци. Таа одвои 36,4 милијарди долари за овие сметки – повеќе од износот што би го платила за новиот даночен режим – и веројатно ќе ја впише разликата како еднократен ефект.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП