28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРечиси 8 илјади огласи за работа - кои професии се најбарани?

Речиси 8 илјади огласи за работа – кои професии се најбарани?

Бизнисмените се жалат дека не можат да најдат квалификуван кадар, а работниците соодветна работа – компаниите бараат речиси осум илјади работници, а истовремено стапката на невработеност изнесува 22.6%.

АВРМ: 7.996 слободни работни места

Во моментов преку Агенцијата за вработување (АВРМ) има 7.974 активни огласи. Се бара секаков кадар, од фризер и рецепционер до лекар и информатичар.

Гледано по градови најмногу слободни работни места има во Скопје (4.803). Следуваат Битола (433), Кавадарци (399), Охрид (351), Куманово (256). Најмалку огласи има во Кратово и Свети Николе (само по 2), а во Демир Хисар нема ниту едно слободно работно место.

Гледано по дејности најмногу работници се бараат во трговијата (2.531). Следуваат преработувачката индустрија (1.895), угостителство (1.066), транспорт и складирање (613).

Најбарани занимања се: продавач (907), хигиеничар (532), келнер (411), работник на лента (360), општ работник (334).

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

Средното стручно образование треба да испорача: шивачки, бравари, столари, заварувачи, армирачи, лимари, повеќе профили на градежни работници, металостругари, монтери, автомеханичари, електроинсталатери, преработувачи на овошје и на зеленчук за потребите на преработувачката индустрија.

ДЗС: 7.586 слободни работни места

Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) се малку поразлични од оние на Агенцијата за вработување, ова се должи на различната методологија. Според ДЗС во Македонија во третиот квартал имало 7.586 работни места.

Гледано по региони најмногу работници се бараат во Скопски (3.846), Пелагониски (946), Вардарски (670).

Гледано по дејности најмногу работници се бараат во преработувачката индустрија (2.568). Следуваат трговија (1.209), угостителство (633), транспорт (589).

Образовниот систем мора да се прилагоди на потребите на пазарот на труд

Образовниот систем мора да се прилагоди на потребите на пазарот на труд, само така може реално да се влијае на натамошно намалување на стапката на невработеност.

„Потребно е континуирано да се работи на усогласување на образовниот систем и образовните курикулуми според барањата на пазарот на трудот. Исто така, значајно е да се стави поголем акцент за информирање на јавноста, пред се на децата од завршните години на школување и нивните родители, во врска со занимањата и професиите кои се перспективни и побарувани на пазарот на трудот“ се наведува во најновата анализа на АВРМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП