25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИВработените во „Фени“ за утре најавија помасовен штрајк и блокади

Вработените во „Фени“ за утре најавија помасовен штрајк и блокади

Вработените во „Фени“ ќе го блокираат патот Прилеп-Градско сè додека не им бидат исплатени октомвриската и ноемвриската плата. Со ваква најава Синдикатот го заврши денешното двочасовно блокирање на патот кај мотелот „Дреново“.

„Бараме од вицепремиерот Анѓушев да ни ги исплатат платите за октомври и ноември оти тој ветуваше дека ќе ни бидат исплатени веднаш кога ќе биде отворен стечајот за фабриката. Ние ќе бидеме секој ден на улица сè до исполнување на барањата оти тоа ни е најважно. Утре протестот ќе биде помасовен од денес, ќе дојдат и луѓето што се на смена, а во фабриката ќе останат само оние што е неопходно да ја следат состојбата. Имаме најави дека ќе ни се приклучат масовно и транспортерите оти и ним како и нам, истите банки што го блокираа ‘Фени’, сега ни ги блокираат и приватните сметки, сите сме со кредити“, рече претседателот на Синдикатот, Ѓоре Палитов.

Тој тврди дека Синдикатот е единствен наспроти тврдењата на некои од вработените дека повеќе немаат доверба во него оти се однесувал како продолжена рака на раководството и не работел во интерес на вработените. Оние што не се согласни со Палитов најавија дека ќе изберат нови синдикални претставници, кои, според нив, ќе ги застапуваат исклучиво интересите на вработените. Тие не излегоа ниту на денешниот протест.

Банките кредитори на „Фени“, кои го иницираа стечајот поради долг од над 60 милиони евра, од кои 40 кон нив, а 20 кон доверителите, се во преговори со заинтересираните инвеститори. Тие најавија соопштение во текот на денот во врска со штрајкот на вработените.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП