29 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Аград и Биград - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Аград и Биград – М-р Раде Чоловиќ

Сакам да ви прераскажам една приказна која ја прочитав пред повеќе години во еден учебник по англиски јазик.

Во времето кога градовите биле кнежевства си биле кнежевствата Аград и Биград, не многу големи но успешни. Во Аград се произведувале вретена, подолги, пократки, со шара без шара. Кнежевството било надалеку познато по нив и вретената биле барани. Во Биград пак се произведувале дрвени ѕидни часовници кои на секој час отчукувале толку пати колку што бил часот. Поголеми, помали, резбани и нерезбани, часовниците од Биград се наоѓале во домовите и на кралевите и на сиромасите.

И така во двете кнежевства луѓето си живееле во благостојба, работата си врвела и кнезовите правеле балови на кои ги поканувале големците од сите околни кнежевства, а потоа со денови се прераскажувало за тоа кој како бил облечен и кој како танцувал.

Но времињата се смениле и едно друго кнежевство почнало да прави механички вретена и вретената на Аград станале демоде, никој не ги купувал ниту со попуст ниту без попуст. Баловите во Аград престанале, народот се повеќе негодувал кај Кнезот, многу луѓе започнале да размислуваат за заминување во други кнежевства. Кнезот го сфатил проблемот, ги повикал најпаметните луѓе во своето но и од други кнежевства, разни инженери, научници и се нафрлиле на решавање на проблемот. Имало предлози разни и добри и лоши, но на крајот решиле да прават часовници слични на оние како од Биград. За разлика од часовниците од Аград на секој час од часовникот излегувала една дрвена птица и се слушало ку-ку, имало и часовници каде што наместо ку-ку се слушала музика, а часовниците од Аград биле и поевтини од тие од Биград. Аградските часовници станале многу популарни и сите ги барале,  додека тие од Биград едноставно скоро и да престанале да се продаваат.

Аград ја враќал својата слава додека Биград пополека почнал да тоне и незадоволството и проблемите од едното кнежевство почнале да се чувствуваат во другото.

Но Кнезот од Биград бил суетен човек, бил лут на Аград затоа што сметал дека се ограбени и смислувал како да им напакости. Намалувањето на цената на Биградските часовници едноставно довело до тоа да нивното производство (кое не се сменило) биде неисплатливо. Кнезот се правдал пред своите граѓани дека Аград се непријатели,  дека намерно одбрале да прават часовници а не нешто друго и ги советувал да одат и да протестираат пред ѕидините на Аград. Одреден број луѓе од Биград, поттиканти лично од кнезот, отишле и започнале да протестираат пред Аград. Го блокирале патот и не дозволувале од Аград  да одат да берат дрва за производство на часовницитe. Не дозволувале во Аград  да стигнат и деловите кои биле потребни да се произведат часовниците, а кои ги произведувало друго кнежевство.

Кнезот на Аград ги повикал своите советници, едните го советувале да ја пратат војската на протестантите и да започнат војна, други му советувале да се направат контрапротести, трети му велеле да прати протесно писмо до кнезот на Биград и слично. Кнезот им се заблагодарил на советниците, се мислел цела вечер и дошол до решението.

Наредното утро кога започнале протестите, кнезот на Аград слегол кај протестантите ги поздравил учтиво и ги замолил да протестираат најгласно и не само што ги замолил туку на секого му дал пари, ај да речеме во вредност од наши илјада денари. Протестантите викале, свиреле, лупале на тенџериња колку што можеле и не можеле. Советниците и граѓаните на Аград биле вчудоневидени од својот кнез.

Наредниот ден кнезот повторно излегол и на протестантите им дал сега по петстотини денари, “криза” се бранел Кнезот, но повторно ги замолил да викаат и протестираат најсилно што можат. Протестантите се почувствуввале навредени, вчерашните протести биле најуспешни во историјата, па тие цел ден не запреле со протестирање, но решиле да си ги одработат добиените пари и протестирале и викале притоа со многу помала сила од вчерашниот ден.

Третиот ден Кнезот повторно излегол и на секој од протестантите им дал по педесет денари, им се извинил дека нема повеќе, но повторно ги замолил да протестираат најсилно што можат. Сега протестантите навистина се навредиле и на Кнезот демонстративно му рекле дека за тие пари нема да протестираат и си заминале дома.

И така паметниот кнез на Аград го решил проблемот, а кнезот на Биград, е па тоа е веќе друга приказна.

Зошто мене ми е интересна оваа приказна? Затоа што ни кажува дека иновациите во облик на нови производи, но и на нови или подобрени технологии на производство, намалување на трошоците и времето на прозиводство се единствен начин на успех и раст, а понатака и опстојување на фирмите. За да има иновации потребно е да се има високообразуван и квалитетен кадар кој ќе биде мотивиран и добро платен и ќе сака да работи во компаниите.

А секоја сличост на платените протестанти, контрапротести, наоѓањето вина во друг, со лица и случувања во Република Македонија се намерни.

 

M-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП