25 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Белата чума во Македонија - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Белата чума во Македонија – М-р Раде Чоловиќ

Еден мој пријател, Струмичанец на свои 49-50 години, до пред неколку години мака мачеше да најде работа. Во изминатава година без проблем  ја смени работата (се разбира за подобри услови), а во меѓувреме има можност и за друга работа. Не дека мојот пријател завршил факултет или некакви курсови, туку се чувствува недостаток на работна сила во Струмица и околината. Недостатокот на работна сила во Македонија е поради масовното иселување кое трае со години наназад. Оваа бела чума се чувствува насекаде низ Македонија, а и низ Скопје веќе е проблем да се најдат добри мајстори занаетчии.

Жална е вистината дека младите луѓе во Македонија се соочени со изборот Скопје или странство.

Јас сум голем заговорник дека треба да го искористиме потенцијалот и финансиите на нашите иселеници и да се создадат услови за тие да инвестираат и да се вратат во родната земја. Но пред да започне процесот на враќање на иселениците треба да се запре процесот на иселување (пред се младите) од Македонија. За  да се случи тоа, ќе треба да се подобрат неколку столбови на системот кои ќе овозможат подобар живот:

  1. Повеќе и подобри платени работни места.
  2. Подобра здравствена заштита за граѓаните.
  3. Подобро образование.
  4. Подобар културно забавен живот.
  5. Силен невладин сектор.

По некој збор за секоја точка.

1.Повеќе и подобро платени работни места – мислам дека не треба да објасувам што значи ова. Интересно е дека за иста работа во Скопје се поголеми платите отколку во останатиот дел од државата. Мислам на плати во реалниот сектор, а не во јавна администрација и во државни претпријатија. Предлагам бизнисите а воедно и платите во одредени региони на државата и за одредени дејности да бидат субвенционирани, односно да се плаќаат помали давачки или слично. Покрај големината на платите многу значи и сигурноста, односно неизвесноста дека човек може да биде отпуштен од работа во секое време е исто така голема негативност. За последново се надевам дека синдикатите конечно ќе станат вистински претставници на работниците и ќе се борат за работничките права.

2.Подобра здравствена заштита-незнам дали сте имале потреба  во текот на работен ден да бидете во кругот на универзитетските клиники во Скопје, ќе видите дека цела Македонија е тука. Мора, мислам, мора да се обезбеди добро примарно и секундарно здравство насекаде низ државата. Незамисливо е, но на жалост реалноста е дека во региони во Македонија каде живеат над 30.000 жени има само еден гинеколог. Државата мора да обезбеди услови и добар медицински кадар да има насекаде низ градовите, а да има повеќе медицински регионални центри, на пример во Штип, Битола, Охрид, Тетово, Куманово со што ќе им се олесни на луѓето низ цела држава, а ќе се намалат и трошоците за лекување.

3.Подобро образование – реформа на образованието кое ќе биде образовен и воспитен столб на општеството. Во изминативе години образованието е урнисано. Потребно е да се воведат јасни критериуми и начела во образовниот систем и процес. Потребно е да се стипендираат ученици кои ќе се одлучат да учат струки за кои има потреба во стопанството. Да се воспостави соработка со фирмите кои ќе примаат ученици од средните училишта на пракса, но и ќе стипендираат успешни ученици кои би се вработиле кај нив по завршување на образованието. Уште додека јас студирав за високото образование мислев, а сега со толку многу приватни факултети  се уште мислам дека треба да се укине дипломската работа и да замени со полагање државен испит кој ќе ги опфаќа сите сфери од студирањето. Исто така немам против да се студира и на кинески во оваа наша држава, но оној што нема да студира на македонски јазик мора покрај задолжителниот државен испит да полага и испит за познавање на македонскиот јазик кој мора да биде положен со миниму 75% освоени поени (сите што аплицирале за иселеничка виза за Австралија, или сакале да ја нострифицираат својата диплома во странство, ќе ме разберат веднаш).

4.Подобар културно забавен живот – знаете ли дека има градови каде што не може да се гледа кино претстава, а за селата да не зборувам. Предлог – да заживеат културните центри (порано наречени домови на културата), истите да станат место каде младите уметници ќе можат да се претставуваат, но ќе може да гостуваат и театри и културни дејци и естрадни уметници од сите сфери.

5.Силен невладин сектор- ќе овозможи добра корекција на локалната и централната власт, ќе работи на проекти кои ќе допринесат за подобра благосостојба но и подигање на свеста на луѓето за разни проблеми од регионален но и поширок општествен интерес. Од друга страна преку имплементација на разни проекти невладиниот сектор ќе отвори и нови работни места.

Најтешко е да се запре лавината (снежна или од камења), а иселувањето моментално можам да го споредам само со лавина. Но мора да се започне од некаде, а секој вложен труд ќе даде резултат, порано или подоцна.

 

M-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП