19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Предраг Милошевски, член на управниот одбор на КБ Прво пензиско...

Интервју со Предраг Милошевски, член на управниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје

Помладите со мал износ можат да заштедат значајна сума за нивните пензионерски денови

“Финансиската култура и планирањето на финансиите на нашите граѓани сѐ уште не е на задоволително ниво иако има значителен напредок од почетокот на пензиските реформи, покажува искуството на пензиските друштва од земјава. Затоа потребна е континуирана едукација на населението за да може осигурениците да се информираат за придобивките од пензиската реформа, а со тоа и за нивната иднина, за нивната пензиска заштеда, за предностите, правата и обврските со кои се стекнуваат”.

Токму за ова разговаравме со Предраг Милошевски, член на управниот одбор на КБ Прво пензиско друштво, кој од неодамна е именуван на позицијата втор генерален директор на ова Друштво. КБ Прво пензиско друштво, во соработка со НЛБ Нов пензиски фонд и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) изминатиов период спроведуваа кампања за информирање на јавноста околу членувањето во задолжителните и доброволните пензиски фондови. Дел од оваа кампања беше и промоцијата на страницата www.penzija.mk, на која осигурениците може да ги најдат одговорите на сите прашања и дилеми поврзани со пензиското осигурување и пензиските фондови.

“Генерално сме задоволни од посетеноста на страницата и од реакциите. Сепак, сметаме дека сеуште просторот за работа на ова поле е голем и нашите потенцијали треба да ги насочиме кон континуирана едукација, особено на помладите генерации кои со првата работа започнуваат нова фаза во својот живот. Исто така, да ја зголемиме свесноста за пензискиот систем дека самите сме најмногу одговорни за креирање на сопствената иднина. Во текот на кампањата зголемен е и бројот на телефонски повици во Друштвото, голем дел од граѓаните сакаат да бидат дополнително информирани и тоа нѐ прави особено задоволни. Знаете, кога станува збор за производ чија директна придобивка ќе ја почувствувате дури по 20 или 30 години, не е едноставно да ја поттикнете заинтересираноста кај помладите генерации, особено кога станува збор за штедење за поквалитетни пензионерски денови или како што ние велиме „за слатка старост” – вели Милошевски.

Денар: Кои се најчестите недоумици со кои се среќаваат граѓаните кога станува збор за пензискиот систем во Македонија, особено за функционирањето на вториот и третиот столб? Кои се нивните најголеми заблуди?

– Во овие турбулентни времиња нормално е секој човек да се плаши од промени и со резерва да ги прифаќа. Со воведувањето на реформите во пензискиот систем, вработените во почетокот имаа многу сомнежи и недоумици. Како и со секоја нова работа, тие се пренесуваат и на помладите генерации. Луѓето се навикнуваат на одредени работи и оттаму произлегува недовербата во нешто ново и различно. А да признаеме, темите за пензиите и пензиските реформи се секогаш актуелни и секогаш предизвикуваат големо внимание. Чекориме во втората деценија од почетокот на реформата во пензискиот систем, односно од функционирањето на вториот столб или задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување и интересот на граѓаните да се информираат и да дознаат нешто повеќе на тема пензиско осигурување бележи раст, но сѐ уште не можеме да кажеме дека е на задоволително ниво. Значителен број од членовите ги немаат ажурирано своите податоци и немаат достапност до најновите информации за состојбата на нивната индивидуална сметка. Еден од најголемите предизвици за нас е да го привлечеме вниманието на помладите генерации, односно работоспособното население во текот на работниот век и да ги мотивираме да се заинтересираат и да размислат за својата пензија и квалитетот на нивните пензионерски денови.

Денар: Кога е најдобро време да се почне со дополнително штедење за пензионерските денови, конкретно со вложување во третиот пензиски столб?

– Најсигурна иднина е таа што ние самите ќе ја креираме. Сметаме дека за иднината треба да се мисли уште од првиот ден на работа, односно од самото засновање на работниот однос. Значи, колку порано се започне со штедење, толку поголем принос ќе се добие со текот на времето. Бидејќи периодот за штедење е долг, помладите со мал износ можат да заштедат сума која ќе биде значајна за нивните пензионерски денови. Лицата кои се блиску до пензионирање и немаат заштеда ќе мораат да штедат поголема сума на пари, бидејќи периодот за штедење и оплодување на средствата е краток. Преку континуирано организирање на теренски и медиумски едукативни кампањи се обидуваме да го привлечеме вниманието што поголем број на луѓе да се информираат за бенефитите од пензиската реформа за нивната пензиска заштеда, за предностите, правата и обврските со кои се стекнуваат. Ние како Друштво, односно нашите агенти, пред сѐ преку директна комуникација со потенцијалните членови се трудиме што повеќе да им го доближиме ваквиот начин на штедење и бенефитите кои ги нуди, односно да им воочиме колку е важно што порано да се почне да се мисли за иднината. Целта кон која се стремиме е да изградиме навика за штедење кај младата генерација, односно да го подигнеме нивото на финансиска култура и свесноста за планирање на финансиите за сите животни периоди. И, навидум „незначителна’’ сума, благодарение на успешното и пред сѐ професионално управување со средствата и нивна капитализација, значително ќе придонесе за поквалитетен живот во иднина.

Денар:Кои придобивки ги имаат граѓаните од членувањето во вториот и третиот пензиски столб?

– За придобивките многупати се зборувало, но секогаш може да се потсетиме. Самото тоа што станува  збор за лична заштеда ,односно индивидуална сметка, подразбира дека тие пари се лични и ќе се користат за исплата само за вашата пензија, а воедно истите се наследни и над тие средства не може да се спроведе извршување, ниту пак тие средства може да се користат во постапка на порамнување или стечај. Членството во вториот столб е задолжително за сите нововработени и нивната пензија ќе биде финансирана од два извора. Од друга страна, третиот столб односно доброволното пензиско осигурување е ефикасен начин преку кој ќе придонесете вашата пензиска заштеда во иднина да биде поголема, благодарејќи на дополнителните уплати потпомогнати со даночни стимулации од државата. Вложувањето може да биде индивидуално или преку пензиска шема организирана од вашиот работодавец, уплаќате колку сакате и кога сакате. Секако, ажурноста во уплатите значително ќе придонесе за обезбедување на значителна сума пари која сигурно ќе знаете како да ја искористите кога ќе дојде време. Средствата зголемени за приносот кој вашето друштво го остварило за вас може да се подигнат најрано десет години пред  остварување на правото на пензија и тоа еднократно или распределени  во повеќе месечни исплати. Сепак најдобриот начин да ја предвидиш иднината е самиот да ја создадеш. Работењето на пензиските фондови е под контрола на МАПАС, но и од посебни работни единици формирани од пензиските друштва. Така, кога станува збор за управување со ризиците како пазарниот ризик, кредитниот ризик, ликвидносниот ризик итн, каде овие ризици се дневно мониторирани, ако произлегува укажување за зголемување на одреден ризик се даваат препораки за нивно намалување или целосно елиминирање. Инвестираните средства имаат висока стапка на сигурност бидејќи се чуваат кај банки чувари на имотот кои се одговорни за имотот на пензиските фондови и се водат на посебни старателски сметки во домашни и странски институции. Тие средства не влегуваат во имотот на Друштвата за управување со пензиски фондови, туку се во сопственост на членовите на пензиските фондови според уделите кои ги имаат на своите сметки. И на крај би сакал да ја издвојам целосната трнаспарентност во работењето на капитално финансираното пензиско осигурување како значајна предност. Тоа е карактеристика која навидум сличните производи  не ја поседуваат. Сите членови може да имаат и целосен увид во состојбата на нивната индивидуална сметка 24/7. А нашиот тим е секогаш расположен за помош во разрешување на секоја дилема поврзана со вториот, односно третиот столб на пензиско осигурување.

Денар:Колку корисници од вашето Друштво се членови во вториот, а колку во третиот столб? Колку средства се акумулирани на нивните индивидуалните сметки?

Нашата цел е да создадеме вредност за членовите на фондовите со кои управуваме, да ги заштитиме нивните интереси, да овозможиме сигурност на нивните средства и да создадеме профит со соодветно инвестирање. Работејќи на остварување на својата цел, според последните официјални податоци објавени од МАПАС (www.mapas.mk) заклучно со 31.10.2017, КБ Прво пензиско друштво реализираше повеќе од 483 милиони евра во управување на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје во кој членуваат 235.752 членови и времено распределени лица . Од друга страна,  нето средствата на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје, со состојба на 31.10.2017 година изнесуваа 655.443,39 илјади денари или повеќе од 10,5 милиони евра, а вкупниот број на членови со доброволна индивидуална и/или професионална сметка во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје изнесува 14.050. Повеќе за остварените резултати како и поопширни информации за нас и нашата работа сите заинтересирани може да добијат на нашата веб страница www.kbprvo.com.mk. Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02/ 3224 229).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП