20 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЛидија Димковска избрана за годинашен национален кандидат во трката за меѓународната книжевна...

Лидија Димковска избрана за годинашен национален кандидат во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика“

Жири-комисијата за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика 2016“, во состав д-р Лидија Капушевска, д-р Ермис Лафазановски и д-р Елизабета Шелева, донесе едногласна одлука романот „Но-уи “ од Лидија Димковска во издание на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје да биде избран за национален претставник и кандидат од Македонија, што ќе влезе во конкуренција за доделување на наградата на меѓународната фондација „Балканика“ за 2017 година.

„Но-уи“ е роман метафора, прегнантно срочено четиво за животот и смртта во кој заемно проникнуваат фиктивното и фактографското, историјата и совремието, индивидуалните и колективните судбини, големите и малите наративи, домот и туѓината, црно-белата перцепција на стварноста и на човековото постоење воопшто. Овие универзални вистини се пренесени низ моќната, возбудлива и сугестивна нарација на Лидија Димковска, позната од нејзините претходни романескни остварувања.

Романот „Но-уи“ има една историска и една актуелна димензија; демонот на историјата се повторува, во игра е не само сенката на фашизмот од Втората светска војна туку и неговото наследство во современиот политички дискурс на нашите балкански простори. Нарацијата реферира на некои вистински, реални, историски настани и личности, од една страна, и на некои актуелни случувања во европски (и светски), од друга, како што е миграциската криза, на пример.

Во најтесен избор, покрај книгата на Димковска, влегоа и книгата „Круг“ на Димитар Башевски, и книгата „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли.

Во националниот избор за претставник за наградата „Балканика“ од страна на издавачките куќи и самостојните публикувани автори беа пријавени следните 14 книги:

1. „Се буди ѕверот“ – Велко Неделковски (Антолог, Скопје)
2. „Ананка“ – Јусуф Сулејман (Антолог, Скопје)
3. „Шех Вардар“ – Ленче Милошевска (Антолог, Скопје)
4. „Се гледаме наскоро. Е.“ – Драгана Евтимова и Владимир Лукаш (Антолог, Скопје)
5. „Афоризми“ – Ефтим Гашев (авторско издание, Скопје)
6. „Јас и Лин, отпосле“ – Ана Стојаноска (Блесок, Скопје)
7. „Војвода Ставре Гогов – јунак и легенда“ – Мате Гогоски (Ирис, Струга)
8. „Доилката“ – Лилјана Пандева (ПНВ Публикации, Скопје)
9. „Војници со гумени чизми“ – Ивица Челиковиќ (Издавачки центар Три, Скопје)
10. „Враќањето на козите“ – Луан Старова (Издавачки центар Три, Скопје)
11. „Три новели“ – Тања Урошевиќ (Магор, Скопје)
12. „Бродот. Конзархија“ – Томислав Османли (Магор, Скопје)
13. „Круг“ – Димитар Башевски (Слово, Скопје)
14. „Но-уи“ – Лидија Димковска (Или-или, Скопје)

„Балканика“ претставува една од најзначајните книжевни награди во регионот, која со своето постоење од 1996 година претставува еден редок позитивен пример на одржлива културна соработка меѓу балканските држави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП