18 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИБанките укажуваат дека „Кунико“ може да исплати плати и покрај блокираната сметка...

Банките укажуваат дека „Кунико“ може да исплати плати и покрај блокираната сметка на „Фени“

„Кунико“ може да исплати плати и покрај блокираната сметка на „Фени“, реагираат банките доверители на „Фени индустри“.

„Кунико ќе може да биде релевантен соговорник во разговор со банките доверители само откако ќе ги исплати двете заостанати плати за вработените и дел од доспеаните обврски кон банките, а кои им се добро познати. Притоа, не треба да ги лажат вработените дека не е возможно да им се исплати плата од страна на ‘Кунико’ поради блокада на сметката од страна на банките доверители. Исплатата е законски можна затоа што „Кунико“ тоа еднаш веќе го стори на 20.09.2017 година, кога им ја исплати августовската плата на вработените. На истиот начин нека го направат тоа и сега и нека ги исплатат заостанатите плати на вработените на ‘Фени индустри’, а не да кажуваат невистини“, велат од банките.

Тие додаваат дека ниту „Фени индустри“ ниту „Кунико“ немале валиден договор за репрограмирање на обврските кон банките, а предуслов за тоа било минималното намалување на дел од долгот кон банките кредитори. Сепак, посочуваат банките доверители во писмената реакција, претставниците на „Кунико“ се изјасниле дека немаат намера понатаму да го финансираат „Фени“ туку ќе го продадат за 1 долар на тој што ќе ги намири обврските кон банките и другите доверители.

Во реакцијата банките се осврнаа и на обраќањето на Дмитри Черкаски, чиишто обвинувања ги опишаа како невистини и небулози.

„Во врска со обраќањето на Дмитри Черкаски, наводниот претставник на ‘Кунико груп’, банките доверители известуваат дека немаат намера преку средствата за информирање да полемизираат со некој Дмитри Черкаски, за сите негови невистини и небулози изнесени во соопштението. Инаку, банките не знаат во кое својство се појавува ова лице, ако се земе предвид дека на социјалната мрежа Линкедин се појавува како лице кое бара работа. Од сето изнесено очигледно е дека ни тие самите не се сигурни кој е сопственик на„ Фени индустри“, затоа што зависно од расположението еднаш го претставуваат „Кунико“ како сопственик, а потоа со наводно склучен наводен договор како сопственик го претставуваат „Енекод“ “, стои во писмената реакција на банките доверители.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП