23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗголемување на старосната граница на пензионирање?!

Зголемување на старосната граница на пензионирање?!

Наместо 62 за жени и 64 за мажи, границата за пензионирање да биде 65 односно 67 години. Ова е една од опциите кои би можеле да го стабилизираат фондот. Владата засега негира дека се размислува во таа насока, а ММФ и Светската Банка препорачуваат сериозни реформи.

ММФ: потребни итни реформи

Границата за пензионирање во Македонија е пониска од просекот на Европа, пишува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во најновиот извештај во кој се вели и дека „земјата мора да направи повеќе за да се спротивстави на негативниот демографски тренд“.

ММФ предлага серија мерки вклучувајќи и поефикасно собирање на данокот на додадена вредност, повисоки даноци на имот и енергија и скалесто намалување на субвенциите.

СБ: само прилагодување а не зголемување

Светската Банка (СБ), пак, препорачува да се запре со зголемувањето на пензиите, да се оди само со законски предвиденото прилагодување со растот на инфлацијата и трошоците на живот.

„Во минатото ние имавме постојано зголемување на пензиите, 5% секоја година, во години кога има и негативна инфлација, тоа е 5% реално зголемување на пензиите… Зголемувањето создаде притисок на Фондот“ изјави Бојан Шимбов, економист во канцеларијата на Светска Банка во Македонија.

Владата веќе почна да ја применува оваа препорака – во октомври пензиите беа зголемени само за еден процент, односно просечно за 130 денари, или најмалите за 85, а најголемите за околу 500 денари. Ова создаде револт кај дел од пензионерите, но Владата најави дека и понатаму ќе се придржува до законите.

Експерти: Фондот мора да се стабилизира

И домашните аналитичари сметаат дека се потребни итни резови за да се стабилизира Фондот за пензиско (ПИОМ) – причините за лошата состојба во која се наоѓа Фондот според се демографски и економски.

„За ваквата состојба во ПИОМ придонесуваат несоодветните реформи во поделбата на пензиските столбови, несогласување на стажот и возраста при пензионирање со продолжениот животен век но најмногу намалувањето на стапката за придонеси. Решение е враќање на претходните стапки на придонес, зголемување на возраста за пензионирање, раст на вработувањата, но и анализа на контингентот инвалидски пензии“, смета академик Абдулменаф Беџети.

Во ПИОМ секоја година се слеваат стотици милиони евра од државната каса со што се ограничува растот.

„Ако овие средства се насочат кон попродуктивни инвестиции, на пример ако се зголемат капиталните инвестиции кои се 10 % и да ги зголемиме два и пол пати, би имале посилен мотор за раст во иднина“, смета професорот Борче Треновски.

Сепак, има и такви кои сметаат дека притисокот врз Фондот ќе почне сам да се намалува за 4 до 5 години, а проблемот целосно ќе се реши за 15.

„Ова од проста причина што бројот на пензионери што ќе добиваат пензија од првиот пензиски столб ќе се намалува како резултат на природните процеси, односно бројот на оние што ќе се пензионираат ќе биде помал од бројот на оние што заминуваат од природни причини, бидејќи ќе расте морталитетот меѓу старите пензионери. Процесот е природен иако сега делува мошне морбидно и загрижувачки“ вели професорот Мирољуб Шукаров кој има изготвено целосна анализа на проблемот.

МТСП: не ја чепкаме старосната граница

Се работи на реформирање на системот, но засега не се размислува за зголемување на границата за пензионирање, тврди министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

„Не е единствено решение зголемување на старосната граница. Тоа е последното решение што треба да се преземе, навистина во Македонија има други работи што треба да се надминат во системот. Тоа е можеби идно долгорочно, но не размислуваме за тоа, сега има и други мерки што ќе ги преземеме и ќе бидат јавно објавени“ вели Царовска.

Веќе е формиран Совет кој изготвува акциски план за стабилизација на Фондот за пензиско.

„Во Македонија постојат други чекори што треба да се преземат и за тоа ќе излеземе кога ќе имаме детален план. За да може да се стабилизира Фондот, прво нешто што преземавме е дека го почитуваме законското решение за зголемување на пензиите и усогласување, а не ад хок паушални зголемувања што не се основани“ изјави Царовска.

ПИОМ најголем расход во буџетот

Проекциите на Министерството за финансии покажуваат дека една третина од парите во државната каса следната година ќе бидат потрошени за исплата на пензии, социјална и детска заштита. Само за исплата на пензиите во 2018 година од буџетот ќе се издвојат 880 милиони евра, што е за 34 милиони евра повеќе во однос на годинава.

„Што се однесува до дефицитот на ПИОМ, тој стандардно ќе се покрие од буџетот со цел непречена исплата на пензии“ велат од Министерството за финансии.

СДСМ како опозициска партија беше многу гласна во критиките за работењето на ПИОМ. Алармираше дека за десет години дупката во пензискиот фонд е тројно зголемена.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП