29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААларм: градежништвото во криза - пад на профитите, можни отпуштања

Аларм: градежништвото во криза – пад на профитите, можни отпуштања

Градежништвото во слободен пад. Сите големи играчи имаат драстично намалени добивки, а дел од нив дури и загуби. Негативниот тренд најверојатно ќе продолжи – намалена е вредноста на договорените и извршените работи во странство, пад има и кај издадените одобренија за градење. Бизнисмените се песимисти – можни се отпуштања во секторот.

Загрижувачки финансиски извештаи

Најлоши резултати има Бетон Штип. Во периодот јануари – септември компанијата направила загуба од 1 милион и 34 илјади евра. Во исто време лани компанијата била во плус од 411 илјади евра. Ова значи дека падот е дури -314%! Само приходите биле намалени за 47%.

Бетон Скопје во првите девет месеци од годинава остварила добивка од 182 илјади евра што е за 81% помалку во однос на истиот период лани кога таа достигнала скоро 964 илјади евра. Вкупните приходи биле помали за 19%.

Финансискиот извештај на Гранит покажува профит од 2 милиони и 946 илјади евра што е за 3% помалку во однос на првите девет месеци од минатата година. Приходите се зголемени за 9%.

И производителите на градежни материјали имаат намалени добивки. Цементарницата Усје од јануари до септември имала профит од 14 милиони и 79 илјади евра што е за 10% помалку во однос на истиот период лани. Сепак, приходите биле поголеми за 3%.

Производителот на адитиви Адинг има помал профит за 33%, тој во првите три квартали достигнал 286 илјади евра. Приходите, пак, биле намалени за 6%.

Фабрика Карпош имала профит од 186 илјади евра што е намалување од 79%. Приходот паднал за 30%.

Единствено Мермерен комбинат Прилеп има значително подобрено работење. Финансискиот извештај покажува зголемен профит за 318%, достигнал 8 милиони и 854 илјади евра. Приходите биле зголемени за 88%.

Помалку работа на странските пазари

Негативниот тренд најверојатно ќе продолжи ако се земе предвид дека македонските компании имаат договорено помалку работа на странските пазари.

Вкупната вредност на договорените градежни работи во странство од јануари до септември изнесува 37 милиони и 456 илјади евра што е 16.6% помалку во однос на истиот период минатата година.

Вкупната вредност на извршените градежни работи во странство, пак, била 20 милиони и 125 илјади евра што е намалување за 38.8%.

Македонските градежни компании работат најмногу во Босна и Херцеговина – 90% од вкупните активности се во оваа земја. Потоа следуваат Германија, Холандија, Словенија, Косово и Албанија.

Помалку издадени одобренија за градење

Државниот завод за статистика измерил намалување и на бројот на одобренија за градење. Во септември биле издадени 222 што е за 25.3% помалку во однос на истиот месец лани. Вкупната предвидена  вредност на овие објекти е нешто над 58 милиони евра што 29.7% помалку.

Од вкупно 222 објекти, на 162 (73.0%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 60 (27.0%) инвеститори се деловни субјекти.

Бизнисмените песимисти – можни отпуштања

Бројот на вработени во секторот ќе се намали во следните три месеци. Вака се изјасниле менаџерите во градежните компании во анкетата на Државниот завод за статистика. Тие сметаат и дека економската состојба е полоша во третиот во однос на вториот квартал. Најголемо негативно влијание имаат зголемените трошоци и намалената потрошувачка.

Значителен пад по долгогодишен раст

Градежништвото во првиот квартал годинава падна за 6.3%, а во вториот за дури 17.3%. За овие шест месеци вкупните економски активности се намалија за 0.9%.

Значителниот пад доаѓа по долгогодишен раст. Лани градежништвото се зголеми за дури 18.5%. Во првиот квартал растот бил 6.9%, во вториот 31.4%, во третиот 10.3%, во четвртиот 28.5% или вкупно за цела година 18.5%. Секторот беше и главната компонента која изѕида вкупен економски раст од 2.4%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП