19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Синедејс“ со богата програма

„Синедејс“ со богата програма

На деветтиот ден на 16. Фестивал на европски филм „Синдејес“ денеска ќе бидат прикажани филмови во кината „Милениум“ и „Фросина“ и во „Џебното кино“.

Во кино „Милениум“ во 20 часот ќе биде прикажан „Обликот на водата“ – спиритуална бајка, сместена во Америка, во времето на Студената војна, некаде околу 1962 г. Во тајната владина лабораторија со безбедност од највисок степен каде што работи, осамената Елиса е заробена во живот во изолација. Животот на Елиса засекогаш се менува кога таа и нејзината колешка Зелда ќе откријат таен класифициран експеримент.

Во 22 часот ќе биде прикажан „Другата страна на надежта“. Калид пристига на пристаништето во Хелсинки сокриен во контејнер за јаглен, бегајќи од војната во Сирија за да побара азил во Финска. Зачуден и фрустриран од монолитната администрација на којашто ќе наиде во прифатниот центар, решава да побегне и се упатува кон улиците на Хелсинки. Таму го запознава Викстром, поранешен продавач на кошули, кој неодамна ја оставил неговата жена алкохоличарка и започнал нов живот како ерген и сопственик на ресторан. Заедно, тие си помагаат еден на друг за да се справат со неволјите со кои ќе се соочат во овие непознати и честопати збунувачки нови светови.

Во кино „Фросина“ во 19 часот ќе биде прикажан „Горски принц“, приказна за исклучително надарен тинејџер, кој само што почнал да студира физика на факултет. Тој работи на теоријата на паралелни светови, за кои првично верува дека се поврзани со светлина. Тој има извонреден ум и ранета душа, која неговата авторитарна мајка, којашто управува со неговиот живот, не е способна да ја залечи.

Во 21 часот ќе биде прикажан „Ветар“. Шеснаесетгодишната Мина го минува летото со татко ѝ Андреј, на устието на реката Бојана. Андреј е кајтсурфер и авантурист, а Мина се обидува да биде сосема спротивното. Меѓутоа, се вљубува во кајсурферот Саша. Саша е постар од неа и има девојка – Соња. Неколкуте дена што Мина и Саша ги поминуваат заедно се чини дека не менуваат ништо во нивната врска. Но во адолесцентскиот свет на Мина, овие денови менуваат сè.

Во „Џебно кино“ во 20 часот ќе биде прикажан „Штрак! Психо-духовната мантра на рокот“. Многу добро ви се познати легендарните кадри од Боуви, Иги Поп, Блонди, Фреди Меркјури, и оние класични омоти за албуми (Transformer, Raw Power, Queen II, End of the Century) – е па време е да го запознаете човекот што стои зад ова. Овој филм на Barnaby Clay за фотографот Mick Rock, го следи самиот уметник којшто ја води публиката низ децениите минати фотографирајќи глам, панк и добри старомодни рокенрол легенди на сцена, а истовремено и како им помагал околу нивниот имиџ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП