25 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Чистотата и душата - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Чистотата и душата – М-р Раде Чоловиќ

Според насловот можеби можете да претпоставите дека оваа колумна е на тема Општата или јавна чистота. Секоја година имам чувство дека градот ни е повалкан од претходната. Нема да паметувам зошто и како и што треба да се направи за да се подобрат работите, туку ќе опишам неколку ситуации (ќе ги наречам сцени) на кои сум бил сведок.

Сцена 1:  Завршувам со службена посета во Битола и тргнувам за дома. На вклучување на патот за Прилеп, пред мене има едно возило и јас застанувам зад него и чекаме да помине сообраќајот и да се вклучиме на патот. Во возилото релативно млади момче и девојка. Само што тргнуваме, се отвора прозорецот на совозачкото место и излетува празна кеса од големо пакување чипс која заврши покрај патот. Грозно.

Сцена 2:  Недела, убав сончен ден. Јас и семејството бегаме од градскиот метеж и загаден воздух и шетаме по падините на Водно. Доаѓаме до еден од летниковците и има што да се види. Шок. Некој претходниот ден си празнувал во летниковецот, па полни кеси со смет оставени на масата, хартиени искористени салфети на сите страни, во близина искористени влажни марамчиња. Пластични шишиња и лименки со различна литража до пола искористени. Со еден збор, идеално место човек да одмори и ужива во природата.

Сцена 3: Се движам кон еден од маркетите во моето соседство. На влезот од маркетот, од десната страна корпа за отпадоци. Од маркетот само што излегува мајка со својата мала ќеркичка која немаше повеќе од 5 години. Девојчето сето насмеано држи во раката лижавче. Додека си одеа ја одвитка фолијата од лижавчето и пред очите на мајката го фрли на земја. Мајката ништо не кажа, веројатно среќна за мирот кој го доби и си продолжија како ништо да не е, само што веќе детето си уживаше во лижавчето. Се за радоста на децата, нели.

Сцена 4: Средовечен господин чека градски автобус на една од постојките во главниот град. Пуши цигара. Стои до корпата за отпадоци околу која на земјата има десетина изгаснати опушоци. Корпата нова, се смее. Метална е и има едно делче кое е како пепелник, за да може човек да ја изгасне цигарата и да ја фрли во корпата.  Во моментот пристигаат два автобуси, а нашиот јунак зема уште еден “дим” кој пола го испушти во автобусот, а остатокот од цигарата го фрла наземи и влегува во автобус. На моменти низ Скопје се чувствувам како да одам на тепих од отпушоци – фантастично чувство.

Сцена 5: Ова лето во Скопје беа мои пријатели од Германија. Германци, со три деца од 7 до 15 години. Јас како добар домаќин ги шетав низ градот и околината. Им ги покажував убавините на стиропорот, фонтаните, кањонот Матка, објаснував и се фалев со нашата држава и главен град. После неколку дена моите пријатели продолжуваа накај Охрид и на поздравување ги прашувам децата како си поминале и како им се допаднало Скопје. Се изненадив од искрениот одговор од најмалото дете – премногу ѓубре ми вели. Се насмевнав, но ми идеше во земја да пропаднам.

И јас и вие можеме да се сетиме не на пет туку на уште минимум 55 сцени на некултура и валкање на нашата околина, низ цела држава, па затоа нема да ви го задржувам времето.

Како и што реков нема да паметувам, и нема да коментирам дали сум реагирал на вакви сцени и што сум се изнаслушал. Нема да ја кривам државата (институциите) или некој друг и нема да кажувам што треба да се направи да се исчисти и да се одржува јавната чистота. Сметам дека доволно е кажано за одржување и чистење на околината. Ќе речам дека се започнува дома во семејството и културата и некултурата.

Сите треба да сфатиме дека со раѓањето ја добиваме планетата Земја на заем од идните генерации. Да размислиме каква ќе им ја вратиме. Да започнеме да ја чистиме околината со тоа што ќе почнеме ние да се менуваме. Сметот, меѓу другото, ако правилно се менаџира може да биде и извор на енергија.

Уште една мисла за крај. Колку што е нечиста улицата, селото, градот, општината, државата толку е валкана и душата на еден народ и нација.

M-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП