20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗдружението на граѓани со дијабетес ќе добие помош од Општина Прилеп

Здружението на граѓани со дијабетес ќе добие помош од Општина Прилеп

По повод Светскиот ден на дијабетесот, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, оствари средба со здружението на граѓаните со дијабетес „Светлост за нас“. На средбата Јованоски вети финансиска поддршка и просторија за работа во старата општинска зграда со цел да се создадат елементарни услови ова здружение, кое постои неколку години во Прилеп, да може непречено да функционира.

„Остваривме средба со членовите на здружението на граѓаните со дијабетес од Прилеп. Се договоривме за начинот и темпото за понатамошната наша соработка. Локалната самоуправа да им обезбеди простор во дел од старата општинска зграда, а ќе го помогнеме и финансиски. Бројот на граѓани со дијабетес расте постојано не само во Прилеп туку и во светот. Дијабетичарите имаат посебен третман и начин на живеење, затоа ќе ги поддржиме во секој поглед. Овие луѓе мора да функционираат како сите други граѓани. Сакам да им го честитам Светскиот ден на дијабетесот, на кој годинашното мото е ‘Менувањето на дијабетесот’, кое треба да се насочи во вистински правец. А повеќето од нив со овој проблем се соочуваат уште од мали“, изјави градоначалникот Јованоски.

Од здружението побараа во иднина да се надминат проблемите со неквалитетен инсулин, од кој велат дека починале заболени со оваа болест.

„Денеска сме премногу возбуден бидејќи, конечно, добивме простории и поддршка од локалната самоуправа. Досега јас упорно барав просторија за здружението, но не ни беше дадена таква помош. Во изминатите 2 години имавме голем проблем со квалитетот на инсулинот, започнувајќи од мене. Сите пациенти имавме тешки моменти со хипогликемии и хипергликемии. Одржувавме состаноци со Комисијата за дијабетес во Скопје, но постојано ни беше кажувано дека инсулинот е квалитетен. Последиците кај пациентите се огромни. Многу членови на здружението починаа. Сето ова е последица на инсулинот. Се надеваме дека во 2018 година ќе добиеме најнова генерација инсулин и дека поквалитетно ќе се лекуваме“, изјави Мирјана Димеска, претседател на здружението на граѓаните со дијабет „Светлост за нас“.

Бројот на заболени граѓани од дијабетес во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени изнесува речиси 3.960 лица. Оваа бројка е во постојан подем, особено кај младата популација.

Според некои податоци, во Прилеп од дијабетес се заболени 5 отсто од граѓаните, 10 до 15 отсто имаат латентен дијабетес, односно и сами не знаат дека се болни од оваа болест, а последиците ги чувствуваат по извесен период.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП