25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААмериканскиот природен гас како алтернатива на рускиот

Американскиот природен гас како алтернатива на рускиот

gas

Драматичното зголемување на производството на природен гас во САД, процес кој веќе се нарекува „фракинг револуција“, отвора нови можности за намалување на зависноста на Европа од рускиот гас, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Американските нафтени компании во изминатите години применуваат нова технологија за хидраулично дробење на цврстите подземни карпи и успеваат да откријат нови, досега недостапни наоѓалишта на нафта и гас или да го зголемат производството од постоечките.

Процесот наречен фрактурирање доведе до зголемување на американското производство на гас дури за една третина од 2005 година досега, на 25 трилиони кубни стапки годишно. Половина од овој гас се користи за греење на домаќинствата, третина за производство на струја, а остатокот за индустриски цели.

Цените на природниот гас во САД се рекордно ниски, а нафтените компании веќе најавуваат дека САД за десетина година може да престанат со увоз на енергенси од други држави, освен од Канада, и дури ќе можат да остварат значителен извоз на природен гас. Во тек е изградбата на првиот модерен терминал за извоз на гас во Луизијана, додека слични вакви постројки се планирани на повеќе места на атланскиот и пацифичкиот брег на САД.

Конгресменот Мајкл Тарнер, републиканец од Охајо, кој е во Групата за пријателство со Македонија во Конгресот на САД, во февруари поднесе закон за привилегиран извоз на природен гас до американските сојузници.

– САД се еден од најголемите производители на природен гас во светот и имаат вишок во производството што ги урна нашите цени во споредба со светските. Зголемениот извоз на природен гас до нашите клучни сојузници ќе им помогне да имаат избор во своето снабдување со енергенси. Со тоа ќе се засили нивната енергетска и национална безбедност и ќе се засилат нашите стратешки алијанси. Многу од нашите сојузници се целосно зависни од природен гас кој го добиваат само од една држава или од нестабилни региони. Решението е едноставно, со зголемено производство на енергија во САД, ќе ја подобриме безбедноста на нашите сојузници низ светот, изјави Тарнер.

Извори во американскиот Конгрес, упатени во дискусијата околу можноста за извоз на природен гас, велат дека за Македонија ова е едно од најзначајните прашања на кои треба да се фокусира, поради можноста да биде дел од идните енергетски планови во регионот. Македонија го очекува почетокот на изградбата на засега најзначајниот гасоводен проект во регионот, „Јужен Поток“ промовиран од страна на Русија, во кој нашата земја нема да биде дел од клучната траса, но еден крак ќе ги задоволува потребите на македонските домаќинства и индустријата.

Според конгресменот Тарнер, главна причина за потребата САД да го стимулираат својот извоз на гас е притисокот од Русија, која во изминатите години повеќепати го оставаше земјите-увозници во Европа без гас. Натаму, Тарнер како пример ја наведува Турција, која со 20 проценти од своите потреби е зависна од Иран.

Во американскиот Конгрес стравуваат од политичкото влијание кое земјите-извозници на енергенси го добиваат врз американските сојузници, како на пример, влијанието кое Русија се очекува да го има врз идната бугарска Влада, каде цената на енергенсите беше клучен фактор при падот на Кабинетот на Бојко Борисов.

Поранешниот македонски министер за странски инвестиции Глигор Ташковиќ, кој сега работи како финансиски консултант во Њујорк и чие име долго се поврзуваше со проектот за нафтоводот АМБО, вели дека плановите за извоз на природен гас се уште се далеку од реализација.

– Не сум слушнал за идејата за извоз на американски природен гас за Балканот. Во овој момент, постои голем недостиг на бродови оспособени за транспорт на природен гас и ќе биде потребно да мине долго време пред да биде изградена соодветна флота. Доколку ова е исплатлива идеја, нејзината реализација ќе ја видиме најрано за една деценија. Толку време ќе биде потребно да се изгради потребната инфраструктура, вели Ташковиќ.

Според него, дотогаш најдобро би било Македонија да работи на истражување и развој на сопствените можни наоѓалишта на пирроден гас во областа на Свети Николе.

Во март годинава конгресменот Тим Рајан прашањето на делумно покривање на европските потреби со природен гас со помош на американските резерви и замена на руската доминантна положба во Европа го отвори и на средба со германскиот канцелар Ангела Меркел, чија земја е најзначајниот партнер на Русија во овој поглед.

На Балканот, интерес за изградба на пристаниште кое би можело да ги прими специјалните бродови за превоз на природен гас изразил Катар, чиј емир на крајот на минатата година на средба со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ ја разгледувал идејата за пристаниште на островот Крк. Потенцијал за изградба на вакви терминали од кои би можел да се снабдува Балканот има и во Црна Гора, Албанија, Грција или Бугарија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП