19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Загреб – Во претприемаштвото и дејностите на слободни професии во Хрватска на крајот на март оваа година биле вработени 198.415 лица, што е за 0,8 отсто или 1.590 лица повеќе од крајот на февруари, покажуваат податоците на Хрватскиот завод за статистика. Во претприемаштвото имало 175.337 вработени или 0,85 отсто повеќе од претходниот месец, додека бројот на вработените во дејностите на слободни професии е зголемен за 0,4 отсто на 23.087. Бројот на вработените опаднал во шест дејности и тој пад се движи од 0,2 отсто во трговијата до 4,6 отсто во снабдувањето со вода, отстранувањето на отпадни води, управувањето со отпадот, како и во заштитата на животната средина.

Букурешт – Американскиот производител на софтвери „Оракл“ ќе инвестира околу 100 милиони евра во Романија. – Се работи за нова инвестиција за проширување на постоечкиот капацитет на „Оракл“, која ќе изнесува 100 милиони евра, соопшти романскиот министер за инфраструктурни проекти Дан Шова. Романскиот премиер Виктор Понта и министерот за телекомуникации Дан Ника разговараа со копретседателот на корпорацијата „Оракл“ Сафро Кац и генералниот директор на таа фирма во Романија Сорин Мендруцеску, кои соопштија дека бројот на вработените во романската филијала достигнал 2.500 и дека компанијата ќе продолжи да се шири на подрачјето на Романија.

Љубљана – Словенците сметаат дека за излез на земјата од кризата ќе требаат најмалку пет години, а скептични се и кон мерките за штедење кои ги предложи словенечката Влада, покажа анкетата која ја објави љубљанскиот весник „Дело“. Според анкетата, само два отсто испитаници оценија дека кризата брзо ќе заврши, околу 46 отсто сметаат дека ќе трае околу пет години, 24 отсто веруваат дека Словенија ќе излезе од кризата за 10 години, а 25 отсто за над 10 години.

Рим – Индустриските нарачки во Италија во март се намалени за 10 отсто на годишно ниво, но во однос на претходниот месец пораснаа за 1,6 отсто, соопшти изтализнаската статистичка служба, во време кога земјата минува низ најдолгата рецесија во историјата. Нарачките за странство пораснале за 3,5 отсто на месечно, но и опаднале за 6,1 отсто на годишно ниво, додека мартовските домашни нарачки истовремено се зголемиле за 0,2 отсто на месечно, а се намалиле за 13,2 отсто на годишно ниво. Индустриското производство во Италија во март опаднало за 0,9 отсто на месечно и за 7,6 отсто на годишно ниво. Италија западна во рецесија во 2011 година, а аналитичарите прогнозираат постепено зајакнување на стопанството дури во 2014 година.

Париз – Финансиската криза ги погодува сите сегменти па дури и Евровизија, во чија организација оваа година домаќинот Шведска инвестираше 14,4 милиони евра, дури 33,6 милиони евра помамлку од ланскиот организатор Азербејџан. Како што пренесува францускиот весник „Трибин“, Шведска како една од земјите која најмалку е погодена од кризата, се одлучи овогодишниот Евросонг да го организира во духот на постоечката економска состојба. – Некој мора да има храброст да ја промени досегашната тенденција настаната пред 58 години. Опстанокот на Евровизија зависи од капацитгетот на малите нации да учествуваат на овој фестивал, објасни директорот на продукцијата на Евросонг, Мартин Остердал.

Париз – Француската компанија „Данон“, која е лидер во прехранбената индустрија, ќе инвестира 325 милиони евра во основање на две фирми со кинески партнери за развој на пазарот на свежи млечни производи во Кина. „Данон“ ќе стане партнер на државната кинеска прехранбена индустрија „Кофко“, што на француската компанија ќе и овозможи да стане стратешки партнер на „Менгнива“, кинеска фирма за производство на млеко и млечни производи. Францускиот бренд истовремено, заедно со „Менгнива“ ќе основа уште една фирма која ќе се бави со дејности за организација на заедничката активност на корпорацијата.

Даблин – Ирската нискобуџетна авионска компанија „Рајанер“ соопшти дека нејзиниот годишен нето профит благо пораснал и дека во оваа фискална година очекува поголем број на патници. „Рајанер“ наведува дека профитот по оданочувањето во минатата фискална година, која заврши на 31 март, е зголемен за 1,5 отсто на 569,3 милиони евра, во однос на нето профитот од 560,4 милиони во претходната деловна година. Компанијата очекува дека прометот на патници во деловната 2013-2014 година ќе порасне за три отсто на 81,5 милиони.

Стокхолм – Шведскиот моден гигант „Ејџ-Ем“ (H&M) разгледува покренување на производство во Јужна Америка и Африка, изјави за „Фајненшел тајмс“ извршниот директор на компанијтаа Карл-Јохан Персон. – Кога тој дел на светот се развива, како што е случај сега, идејата за производство во Јужна и централна Америка станува се поинтересна. Ја разгледуваме таа можност… А размислуваме и за Африка, рече директорот на „Ејџ-Ем“. Коментарот на Персон доаѓа еден месец по колапсот на деветкатната фабрика во предградието Даке, што однесе над 1.000 животи. Персон, кој минатата недела повика на зголемување на минималните плати во Бангладеш, наведе дека „Ејџ-Ем“ немал производство во фабриката во која се случи несреќата.

Стокхолм – Шведскиот министер за финансии Андерс Борг изјави дека нема да попушти под притисоците на банките и ЕУ за усогласување на банкарските стандарди, нагласувајќи дека нивото на задолжителен банкарски капитал во земјата мора да биде повисоко во однос на остатокот од Унијата. – Ќе продолжиме да работиме на построги прописи за капиталот. Нема да ризикуваме кога е во прашање шведската економија. Имаме голем банкарски сектор и многу задолжени домаќинства, па мора да играме на сигурно, рече Борг. Некои од најголемите шведски банки наведуваат дека владиниот став ја загрозува нивната способност да одобруваат кредити. Без усогласени ставови за капиталот, банките ќе бидат помалку конкурентни, повеќе пати предупреди извршниот директор на „Нордеа банката“, Кристијан Клаусен, кој исто така е претседател на Европската банкарска федерација.

Пекинг – Појавата птичјиот грип од типот H7N9 ја чинеше кинеската живинарска индустрија над 400 милијарди јуани (65 милијарди долари), бидејќи потрошувачите не купуваа пилешко месо, соопшти Владата на Кина. Тој сектор на земјоделието губеше во просек милијарди јуани дневно од крајот на март, рече претседателот на Националната служба за животни во земјоделието Ли Сиронг. Со вирусот на птичјиот грип H7N9 во Кина беа инфицирани 130 лица, од кои 35 починаа, откако вирусот за првпат беше откриен меѓу луѓето.

Пекинг – Американската инвестициска банка „Голдман Сакс“ го продава преостанатиот пакет акции кои ги поседува во Индустриската и комерцијалната банка на Кина (ИЦБЦ), во вредност од 1,1 милијарди долари. Во соопштението на „Голдман Сакс“ се наведува дека акциите во најголемата кинеска групација за комерцијалното банкарство ги продава по цена од 0,70 до 0,71 долари по акција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП