28 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Кредитен мораториум - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Кредитен мораториум – М-р Раде Чоловиќ

Мала школа по банкарство.

Банка е финансиска институција чија главна дејност е прибирањето депозити од граѓаните и давањето кредити, како и извршувањето на платниот промет во земјата и странство. Значи, граѓаните ги чуваат своите пари во банка односно ги штедат, а банката преку кредитирањето и други активности остварува профит и тој профит го дели со штедачите во форма на камата на штедните депозити.

Како држава и граѓани ги паметиме ТАТ, Алфа С Штедилница и други каде што “изгореа” депозитите на многу луѓе. Затоа се формираше фондот за осигурување на депозити кој гарантира 100% исплата на штедни депозити до 30.000 ЕУР. Народна Банка на Република Македонија (НБРМ) воспостави правила околу осигурување на кредитите со хипотеки или друг вид залог преку кои банките би се наплатиле во случај на невраќање на кредитот. Од друга страна, во зависност од квалитетот на обезбедувањето на кредитите и деновите на доцнење на плаќањата на обврските по кредити, комерцијалните банки се задолжени да остават резервации т.е. да чуваат пари во НБРМ.

Резервацијата значи дека, секоја комерцијалната банка во Република Македонија депонира на чување пари во НБРМ за некоја смешно ниска камата. Со ова, во случај на пропаст на банката, се спречува штедачите да не си ги добијат назад свите депозити. Односно, со парите од резервациите треба да се обештетат штедачите во случај на пропаст на банката.

Ако банката има кредити кои неможе да ги наплати или има кредити со големи каснења во однос на датумот на плаќање на ратите и каматата, тогаш се поголеми и резервациите кои банката мора да ги има. Во превод, поголеми резервации значи помалце средства кои банката може да ги пласира во кредити, односно  помала добивка од камати од кредити, да не речам тоа е загуба за банката.

Тука би ја завршил малата школа за банкарството.

Во денешниве стопански прилики и политичка криза се повеќе фирми имаат проблеми со сервисирањето на обврските по кредити (истите кредити се дефинираат како лоши пласмани), а и многи малку фирми се решаваат на развој, се помалце се отвораат нови фирми со што се стеснува просторот за кредитирање. Од друга страна НБРМ ги класифицира фирмите и луѓето во одредени кредитни категории. Каснењето во плаќањето обврски по кредит е една од причините за полоша кредитна категорија, а што полоша кредитна категорија значи отежнат пристап кон нови кредити.

Да се разбереме, во најмал интерес на банките е да дојде до активирање на залогот по кредитите, како за правни така и за физички лица. Зошто? Затоа што има трошоци за стекнување на имотот, трошоци за негово одржување и осигурување, трошоци за физичко обезбедување, трошоци за продажба и т.н., а се зголемуваат и резервациите кои банката мора да ги има во НБРМ. Има и една друга работа кога се работи за фирми, ако е фирмата жива постојат можности за заработка на банката преку приматели на плата, кредити на физички лица (вработени во фирмата), кредитни и дебитни картички и друго.

За да се намалат лошите пласмани, банките применуваат еден механизам кој се вика реструктуирање на побарувањата, што значи дека сите кредитни обврски се трансформираат во една партија која е на долг рок и најчесто со грејс период (во кој се плаќа само камата а не и главница) со цел фирмата да земе здив и залет за да може да почне да ги плаќа обврските. НБРМ по автоматизам ги класифицира ваквите фирми во најлошата кредитна категорија, а комерцијалната банка има обврски да приложи дополнителни резервации па така клиентот и банката се во еден клинч од кој нема бегање. Доброто сервисирање на обврските по кредитот после одреден период ја подобрува кредитната категорија и ослободува дел од резервациите.

За жал, голем дел од фирмите во грејс периодот, од објективни и субјективни причини, не успевуваат да се преструктуираат внатрешно и со реструктуирањето на кредитите само си ја одложуваат сопствената смрт. Но да не заборавиме дека со гасењето на фирмите не страдаат само соствениците туку  и оние кои се вработени таму и обезбедуваат егзистенција за себе и своите семејства.

Е сега, имајќи го сето претходно во предвид сакам да предложам еден нов механизам, а тоа е мораториум или замрзнување на кредитите.

Што подразбира овој механизам? Сите кредити и обврски по кредити (банкарски гаранции, акредитиви и т.н.) да се трансформираат во една партија но истата да биде замрзната, односно фирмата  да нема никакви обврски во одреден период (од шест до дванаесет месеци) и да не се пресметуваат камати на главницата во овој период. НБРМ во овој период да не ги терети Банките со дополнителни резервации. Значи кредитот комплетно се става во мирување.

Се разбира треба точно да се дефинираат кои се критериумите за да се активира овој механизам, некои од нив може да бидат:

  • Вкупна изложеност (долг) над 200.000 ЕУР,
  • Годишен прилив на друштвото над 30.000.000,00 мкд,
  • Број на вработени над 25,
  • Да се дефинира дејност со која се занимава фирмата за кои ќе важи ова правило (ова да не важи за трговски фирми),
  • Фирмите да се обврзат да направат план за излез од кризата и истиот да биде потврден и одобрен од соодветно стручно тело, кое воедно ќе има и надзорна функција.

Се рабира дека бројот на критериуми не е  конечен а и критериумите треба точно да се додефинираат.

Во периодот на мораториум треба да им се овозможи фирмите да можат да враќаат и дел од главницата со однапред утврдена камата (на делот односно сумата што се враќа) за предвремено исплаќање. Со тоа фирмите ќе си олеснат уште повеќе кога ќе заврши овој период на мораториум.

Таканареченото стручно тело, треба да биде еден вид предстечаен управник на друштвото кое заедно со менаџментот на фирмата ќе ја извади фирмата од криза или успешно ќе ја продаде на нов или нови сопственици. Ова стручно тело може да биде приватна фирма или пак во мешовита сопственост меѓу банки, приватни косултантски фирми и државата. Секако, ова тело треба да биде лиценцирано од соодветните институции во државата. За ова тело повеќе во некоја дуга колумна.

Подготвувајќи се за оваа тема не најдов дали има или се применува некаде ваков механизам на мораториум на кредити но главната поента е да им се овозможи на фирмите да ги плаќаат своите обврски од своите идни приходи.

 

М-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП