19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСуштинско прашање за мнозинството Македонци - како да се протурка месецот?

Суштинско прашање за мнозинството Македонци – како да се протурка месецот?

Речиси три минимални плати се потребни за да се наполни семејната синдикална кошница. Ниту просечната плата која и ретко кој ја добива не е доволна за да ги задоволи месечните потреби на едно четиричлено семејство.

Просечната плата достигнала 22.912 денари

Просечната плата пораснала за 2.8% за една година. Во август достигнала 22.912 денари.

Според податоците на Државниот завод за статистика најголем раст имале примањата во секторите: рударство и вадење на камен (32.7%), уметност и рекреација (10.9%) и стручни и научни дејности (9.4%). Намалување има кај: градежништво (-2.0%), снабдување со електрична енергија и гас (-0.7%), финансиски дејности (-0.6%).

Гледано по сектори, најдобро платени се работниците од финансии и осигурување, како и од снабдување со електрична енергија и гас; најслабо платени се работниците во хотелиерството, и преработувачката индустрија.

Како поединечни професии најдобро платени се програмерите, а најслабо кожарите и чевларите.

Топ 10 на најплатени професии според просечната плата се компјутерско програмирање (над 72 илјади денари), воздухопловен транспорт (нешто над 70 илјади), фармација (над 60 илјади), телекомуникации (скоро 60 илјади), финансиски дејности и осигурување (нешто над 58 илјади), снабдување со енергија и гас (речиси 56 илјади), складирање и помошни дејности во превоз (над 53 илјади ), информации и комуникации (над 53 илјади), правни и сметководствени дејности (над 47 илјади), информатички услужни дејности (скоро 46 илјади денари).

Од септември минималната плата беше зголемена на 12 илјади денари.

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата.

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

Трошоците на живот зголемени за 1.7%

Статистиката измерила и годишен пораст на трошоците на живот за 1.7% и на цените на мало за 4.1%.

Во септември годинава во однос на исиот месец лани најголемо поскапување имало кај комуникациите (9.5%), потоа кај алкохолот и цигарите (6.7%) и транспортот (6.3%). Намалување на цените имало кај трошоците за здравје (-1.2%) и мебелот (-0.7%).

Синдикалната кошница „тежи“ 32.316 денари

За да го помине месецот август, на едно четиричлено семејство му биле потребни 32.316 денари.

Од овој семеен буџет најмногу пари се трошеле за храна – 13.422 денари, а комуналните трошоци изнесувале 8.253 денари, додека за опрема за куќата и за одржување се потребни 2.199 денари. За одржување на личната хигиена се издвојувале 980 денари, а одржувањето на хигиената во домот чини 1.244 денари. Најмалку пари од семејниот буџет се издвојувале за здравјето – околу 680 денари, како и за посета на културни манифестации – околу 1.070 денари.

Минималната потрошувачка кошница ја изработува Сојузот на синдикати (ССМ). Ги изразува нужните потреби на едно семејство со кои тоа би имало минимална пристојна егзистенција, а претпоставките при пресметките велат дека ова четиричлено семејство живее во сопствен стан од 60 квадратни метри и не поседува автомобил.

Скромна трпеза – многу леб, малку месо

Македонецот во просек секој ден јаде по околу 200 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз. Од зеленчукот најмногу се консумира компир, по околу 80 грама, грав 15, кромид и лук околу 30, исто толку и зелка. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60. Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје 29 грама, кајсии и праски едвај надминуваат 10  грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 40 грама  шеќер, околу 8 грама кафе и какао и нешто под 20 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.7 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Според ДЗС Македонецот во просек во 2016-та пушел по 2.25 цигари на ден, во 2015-та 2.33, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Податоците се од најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2016-та“.

Секој петти Македонец живее во сиромаштија

Секој петти Македонец живее во сиромаштија. Стапката на сиромаштија изнесувала 21.5% во 2015-та. Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во однос на 2014-та е намалена за 0.6, а во однос на 2013-та за 2.7 процентни поени.

Минатата година 445.000 Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 6.500, а за четиричлено домаќинство 13.666 денари месечен приход.

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 28.6%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 14.5%. 39.7% од невработените, 8.9% од вработените и 7.3% од пензионерите живеат во сиромаштија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП