20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: големите маркети им пресудија на маалските дуќани - кои меѓународни продажни...

Анализа: големите маркети им пресудија на маалските дуќани – кои меѓународни продажни синџири влегуваат во Македонија?

Маалските дуќани и бутици полека, но сигурно исчезнуваат. Големите синџири на супермаркети и на модни брендови им пресудија на продавниците кои во 90-тите „никнуваа како печурки“ на секое ќоше. Сличен процес ги зафати и трговските центри, но Македонија и натаму е меѓу последните во регионот според присуството на меѓународните продажни синџири.

За 8 години затворени 5.000 продавници

Во Македонија во 2016-та имало 18.250 продавници, а во 2008-та над 22.000. Ова го покажува „Пописот на трговијата на мало“ што го изработи Државниот завод за статистика (ДЗС)

Податоците покажуваат дека ако во 90-те продажната мрежа се ситнела, старите „комунистички“ самопослуги и текстилни брендови пропаѓале а празниот простор го пополнувале маалските маркети и бутици. Така, во 1989 имало помалку од 10 илјади продавници во целата држава. Само 7 години подоцна, во 1996-та, нивниот број пораснал на фантастични 23 илјади.

Но, во последните 7-8 години започнува обратен процес – се повеќе супер маркети и големи капацитети, а се помалку мини маркети, трафики, маалски бутици. Паралелно со намалувањето на бројот на продажни места растела нивната просечна површина.

Пописот на ДЗС покажува дека лани во земјава имало вкупно 18.250 продавници.

Од нив нешто над 5 илјади биле за прехранбени производи; од нив околу 4 илјади мини маркети, по околу 300 во категориите супер маркет и самопослуга. Во оваа бројка не влегуваат и киосците односно трафиките, вкупно само 213.

Околу 7 илјади од продажните места се за непрехранбени производи – влегуваат бутиците, аптеките, парфимериите, цвеќарниците, книжарниците, автосалоните, железариите, пет шоповите и се останато.

Лани во Македонија биле регистрирани само 16 аутлети и 9 second hand shop односно продавници за употребувана роба.

По региони, најмногу продажни места има во Скопје (над 4 илјади), следат Полог (над 2.700) и Пелагонија (речиси 2.600). Најмалку продавници има во Вардарскиот и Источниот регион (по нешто под 1.600).

Во Скопје најмногу продавници има во Центар (речиси 1.000), следат Карпош и Аеродром (по нешто помалку од 500): Најмалку има во Сарај (52).

Старите трговски центри пропаѓаат

Процесот на окрупнување на продажната мрежа удри и на трговските центри. City mall, Ramstore, Capitol наспроти ГТЦ, Буњаковец, Бисер – новите целосно „ги урнаа“ старите. Во едните метеж и преполни продавници, во другите пусто и празни ходници.

Драстична е и разликата во цените на кириите – веќе неколку години закупнините во старите трговски центри континуирано се намалуваат, на некои простори се дури двојно поевтини отколку во новите шопинг молови.

Според консултантите за недвижности ова е очекувано и е тренд во целиот регион. Очајната состојба во помалите трговски центри е резултат пред се на нивната неорганизираност.

„Новите објекти се градат плански, содржините се распределуваат според атрактивноста. Од друга страна во старите има огромен број сопственици, па тешко е да се организира кој простор за која намена да служи. Владее хаос. Ова резултира со намалена посетеност и пад на приходите“ објаснуваат од една од поголемите агенции за недвижности која истовремено прави и анализа на пазарот.

Меѓународни брендови – Македонија на регионалното дно

И покрај очигледното раздвижување на целокупната трговска мрежа, Македонија е речиси на последното место во регионот според присуството на големите меѓународни брендови.

Единствено е пред Косово и Албанија. Додека компаниите како IKEA, LIDL, H&M, C&A се шират во соседните земји, засега нема најави за влез и кај нас. Малиот пазар, ограничената куповна моќ, но и заглавените евроинтеграции се главните причини за ваквата состојба, коментираат познавачите. Според нив ваквата состојба нема да се промени на кус рок.

„Македонија не е интересна за големите синџири – премногу сме мали и сиромашни за да се најдеме на нивната мапа. Искуствата на оние кои се веќе присутни не се многу позитивни. Тие едвај имаат по една до две продавници, и тоа исклучиво во Скопје. За да се промени ваквата состојба неопходен е пораст на животниот стандард што ќе значи и пораст и на личната потрошувачка. Дури тогаш ќе станеме примамливи за брендовите од светски ранг“ објаснува Христина Бојковска, консултант за брендирање.

Кои брендови ќе влезат на нашиот пазар?

Пред пет години дојде групацијата Inditex со своите Zara, Bershka, Pull&bear, Massimo Duti и Stradivarius, но засега остануваат само во City mall. Во центарот на Скопје се уште ги нема иако во сите метрополи имаат свои продавници и на prime локација во пешачките зони.

И германскиот синџир за козметика DM е веќе присутен овде, а постојано ја шири продажната мрежа. Сепак, ова засега се поединечни случаи.

Дел од медиумите веќе шпекулираа со можно влегување на нови марки. Според овие написи H&M, С&А и Deichmann треба да дојдат во Македонија во наредните три години, а рестораните за брза храна KFC и побрзо.

Во меѓувреме Burger King ја шири својата мрежа низ земјава, но McDonalds се повлече и засега нема најави дека ќе се врати. Македонија е една од само неколку држави кои не се дел од најголемиот fast food синџир.

Од друга страна по три годишно функционирање синџирот на маркети Carrefour се повлече од Македонија, а зад себе остави и долгови кон добавувачите. Засега нема најава за влез на некој од големите европски и регионални играчи кои би им конкурирале на Ramstore, Tinex, Vero.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП