20 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОбјавена книгата „Теоријата на книжевноста во (интер)акција“ од Ѓорѓиева Димова

Објавена книгата „Теоријата на книжевноста во (интер)акција“ од Ѓорѓиева Димова

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна ја објави студијата „Теоријата на книжевност во (интер)акција“ од Марија Ѓорѓиева Димова.

Во книгата авторката актуелизира неколку клучни книжевно-теоретски и херменевтички теми и категории, елаборирани и во теоретски и во интерпретативен контекст. Интертекстуалноста, метафикцијата, авторот, читателот, влијанието, биографската метафикција, иронијата, интерпретацијата се само дел од прашањата коишто се разгледуваат во компаративниот пресек на современите концепции и коишто интерпретативно се промислуваат преку романите на А. Бајат, З. Лешиќ, У. Еко, В. Андоновски, А. Битов, Б. Миневски. Целта на студијата е да ја демонстрира нужната комплементарност и интерактивност меѓу книжевните теории и книжевната практика, како и да ја потврди функционалноста на книжевните теории во однос на толкувањето и на разбирањето на книжевните текстови.

Книгата содржи три дела: „Теориски модели“, „Толкувачки модели“ и „Теориски категории и концепции“.

„Теоријата на книжевност – пишува Марија Ѓорѓиева Димова – поминувајќи ги различните фази од односот кон сопствениот предмет на интерес (книжевноста, книжевната практика), модификувајќи ги сопствените позиции од мета-, интер-, транс- поставеност и кон практиката и кон другите дисциплини/науки, но и кон самата себе, денес се соочува со предизвиците на понатамошниот развој. Од една страна, теоријата на книжевност во XXI век е привилегирана да биде метапозиционирана во однос на сета постаристотеловска историја на теоријата, да има увид во бројните комплементарни, сопоставени и меѓусебно рестриктивни теориски концепции. Од друга страна, постои и скептичното соочување со можните развојни насоки на теоријата, било по патот на метатеориско промислување и реконцептуализирање на постојните теории и категории врз фонот на актуелната книжевна практика, било по патот на радикалното пресвртување на теориските модели.

Сепак, она што е индикативно во однос на фактичката состојба во теоријата на книжевноста од крајот на XX и почетокот на XXI век е токму нејзината зголемена саморефлексија што се манифестира во делумното враќање на фокусот врз традиционалните прашања и теми (на пример, за природата на книжевноста, за нејзиниот онтолошки статус, за облиците на постоење на книжевните дела).“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП