20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХуманитарна акција по повод Светскиот ден за борба против сиромаштијата

Хуманитарна акција по повод Светскиот ден за борба против сиромаштијата

На пет локации во Скопје денеска почна најмасовната акција за донирање храна во Македонија – „Нахрани 1.000“ во склоп на „Мрдни со прст“, а по повод одбележување на Светскиот ден за борба против сиромаштијата, 17 Октомври.

Граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“, Црвен крст на Град Скопје, организацијата „Ајде Македонија“, Здружението на граѓани за помош на бездомници и загрозени семејства „Љубезност“, Сојуз на извидници на РМ и организацијата АДРА во периодот од 10 до 19 часот отворија 5 штанда за донирање храна во главниот град.

Штандовите каде што ќе може да се донира храна за бездомниците и за сите загрозени семејства на кои храната им е најпотребна во моментов се поставени на плоштад Македонија, пред „Скопје сити мол“ кај „Плеј кафе“, во Аеродром пред „Веро“, пред Дом на градежници и во Ѓорче Петров пред „Тинекс“.

Целта на акцијата „Нахрани 1.000“ е поттикнување на солидарноста, како и подигање на општествената свест за донирање храна на оние на кои таа им е најпотребна.

На списокот на потребни производи што може да се донираат на пунктовите се наоѓаат нерасипливи продукти како ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

Како поддршка на 5-те штанда е комбето на „Мрдни со прст“, кое денеска во текот на целиот ден ќе ги посетува компаниите во Скопје каде што вработените ќе можат да донираат храна.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП