19 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Коста Костадиновски, извршен директор на Илирика

Интервју со Коста Костадиновски, извршен директор на Илирика

Илирика како врвна финансиска институција нуди високо ниво на инвестициски услуги кои покрај разните предизвици секогаш е доследна во своите стратегии кои резултираат со долгорочни успеси. Повеќе од 10 години клиентите имаат одлични резултати и позиции на пазарот. За клучот на успехот на Илирика разговаравме со Коста Костадиновски, главен директор во инвестицискиот фонд Илирика.

Денар: Илирика веќе 25 години забележува значителни резултати на пазарот. Кои се почетоците на Илирика во Словенија?

Пред 25 години компанијата започнала со деловна активност во Словенија како резултат на либерализацијата на пазарот на капитал во процесот на транзиција на општественото уредување од социјализам во капитализам.

Во тој период опкружувањето на Словенија со земји како Австрија и Италија придонесе за подинамична транзиција и брза имплементација на квалитетни практики. После 25 години ИЛИРИКА е една од ретките целосно приватни финансиски куќи со значаен удел на пазарот и висока доверба на клиентите.

Денар: Кои се Вашите почетоци и што Ве инспирира да работите во оваа професија? Зошто баш Илирика?

Мојот интерес за берзата и пазарите датира од средношколските денови, кога во Македонија беше актуелна раната фаза на приватизација на компаниите и формирањето на Македонската берза. Моите почетоци со активна работа на берзата се веднаш по завршувањето на студиите кога имав среќа да бидам во друштво на мои пријатели кои веќе имаа искуство на берзата и ми помогнаа брзо да напредувам и да учам за берзата. Набргу потоа ја добив мојата прва можност да запливам во професионалните инвестициски води со ангажманот во НЛБ Нов пензиски фонд, од таму во Медвешек Пушник, а последниве 9 години во ИЛИРИКА. Многумина можат да помислат дека најголема инспирација е можноста за брза заработка на берзата, но јас велам дека најголема инспирација е долгорочната лојалност на клиентите. За среќа или за несреќа, во мојата релативно кратка 13 – 14 годишна кариера имав можност да бидам сведок на сјајните моменти на Македонската берза во 2007 година ама и на најголемата светска финансиска криза во модерното време. Во одредени моменти, гледајќи како се распаѓа пазарот, кога ударите на пазарот беа најсилни, на тест беше ставан и мојот карактер. Но, од денешна перспектива, кога ситуацијата во голема мера е нормализирана, во целиот тој период изградив одлични врски и доверба со клиентите, која судејќи по сѐ, е највредното средство на ИЛИРИКА во моментов. Пред некое време, во разговор со моите колеги тие посочија дека ние градиме врски и доверба со клиенти која е повеќе од долгорочна, можеби повеќе и од доживотна. Ние ќе сакаме да останеме финансиски советници на нивните деца. Тоа е мојата инспирација!

Денар: Како ја гледате иднината во инвестицискиот сектор во Македонија и во странство? Постои ли простор за високи и ефикасни инвестиции? Можат ли македонските граѓани да инвестираат преку Вас во странски компании?

Судејќи според актуелните светски трендови, нашиот профил на услуги ќе биде една од најбараните финансиски услуги во иднина. Можности на пазарите секогаш има, но тука доаѓа до израз квалитетот и знаењето да се препознаат можностите пред останатите. За наша среќа, во делот на вложувањата во фондовите немаме географски бариери, а во делот на индивидуалните клиенти, очекуваме продолжување на трендот на отворање на можностите.

Денар: Како може просечниот граѓанин да се вклучи во успешната приказна на Илирика и кои се нивните можности?

Преферираме индивидуален пристап со клиентите, согласно нивните барања, очекувања и потреби. Во делот на палетата на услуги, го имаме најширокиот спектар на услуги на пазарот. Од брокерски услуги, управување со портфолио, управување со фондови па се до инвестициско советување.

Денар: 10 успешни години во Македонија. Што очекувате за следните 10 години?

Очекувам поизразено продолжување на позитивните трендови кај инвестициските фондови во смисла на довербата од страна на клиентите изразена преку зголемувањето на имотите под управување, како и понатамошни либерализации на пазарот во смисла на можностите за вложување на странските пазари за индивидуалните клиенти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП