29 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Регионална соработка - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Регионална соработка – М-р Раде Чоловиќ

Македонија главната трговија ја врши по копнен пат, со камионски превоз. Железничкиот транспорт на роба е многу мал. Главно пристаниште за увоз и извоз на роба е солунското пристаниште. Не би сакал да се навраќам на времињата кога, поради ембаргото од нашиот јужен сосед, имавме големи проблеми како држава и стопанство, но на жалост, се уште немаме алтернатива за Солунското пристаниште. Бургас односно Бугарија е далеку, Бар е релативно мало пристаниште, а со Драч имаме лоша поврзаност. Пристаништето во Драч е едно од поголемите пристаништа на Јадранското море, помало е од солунското но фактот што во Албанија на големо се градат патишта го прави се поинтересно во регионални рамки. Во 2013 година истото е дадено на концесија на странска комапнија.

Зошто го споменувам пристаништето во Драч? Затоа што сметам дека треба да стане реална алтернатива за стопанството во Република Македонија. Но од друга страна поврзаноста со република Албанија односно реализацијата на коридорот исток запад се одвива споро и оваа можност не може да се реализира. Генерално, патната инфраструктура во Република Македонија ни е на многу ниско ниво. Пред некој ден ја слушнав анегдотата дека во Македонија растојанието се мери со време: “Колку е Битола одалечена од Скопје? Два часа со кола.” Како дебарчанец одамна сум слушнал за патот на Арбор (rruga e arborit) односно за патот од Тирана до Дебар кој ќе ја доближи Тирана до Дебар на 70 километри, а потоа до Драч има уште 40-тина километри. Од македонска страна треба да се прошири и пробие патот од граничен премин Блато – Дебар до Извор (кичевско) кој е исто така околу 40-тина километри и ете сме на коридорот 8.

Зошто во насловот е регионална соработка, затоа што сметам дека е само тоа начинот кој што ќе доведе до просперитет на целиот Балкан. Европската унија пак од друга страна, во претпристапните фондови има пари за развој на земјите кандидати за членство но само треба добри проекти. Ќе се осмелам да промовирам една идеја, а таа е Република Македонија и Република Албанија заеднички, односно  партнерски, дали во форма на компанија во сопственост на двете држави или ќе се најде некој друг модалитет, да се договорат двете држави заедно (со пари од двете држави и европски пари), да го модернизираат и зголемат капацитетот на пристаништето во Драч или можеби ќе изградат ново пристаниште. Ова пристаниште ќе биде во заедничка сопственост на двете држави на период од 99 години со можност на пролонгирање на тој рок на уште 99 години и истото да биде поврзано со коридорот 8 преку Дебар од македонска страна. Односно проектот” Пристаниште” треба да го следи и проектот (со користење на предпристапни фондови) за изградба на автопатишта но и за железничко поврзување меѓу двете земји. Нема економски развој на една држава која е во регион кој е економски и политички нестабилен. Со реализација на вакви и слични бинационални и повеќенационални проекти директно ќе се влијае и на развојот на државите во целина но и на пограничните региони, а тоа ќе доведе и до рамномерен регионален развој и во секоја од земјите поединечно. Истражувајќи за оваа колумна наидов на податок дека околу 2008 година македонската влада размислувала за основање на трговска бродска флота која ќе плови по море до сите дестинации под македонско знаме. За мене тоа е одлична идеја. Како пристаништа каде би била стационирана флотата се разгледувале Драч и Истанбул. Што би значела таа флота за Македонија и македонското стопанство повеќе некој нареден пат. Зошто и како проектот за бродската флота не се реализирал незнам, но и за една таква флота поефтино е ако имаш и свое пристаниште.

М-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП