19 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Дарко Панчевски – претставник од маркетинг секторот на Skopje City...

Интервју со Дарко Панчевски – претставник од маркетинг секторот на Skopje City Mall

Денар: Овој месец Skopje City Mall слави 5 години постоење и за овие неколку години успеа да се позиционира како лидер на пазарот. Што е она што го прави овој трговски центар успешен и примамлив за посетителите?

Skopje City Mall е единсвениот трговски центар во регионот кој ги има прифатено и имплементирано стандардите на еден модерен трговски центар. Пред се, кохезијата на амбиентот (пристап, безбедност, инфраструктура, хигиена), миксот на продавници, понудата на забава и храна, како и одличните настани и кампањи, го издвојуваат од целата конкуренција на пазарот. Нашиот пристап до потрошувачите е многу директен и транспарентен, па затоа е лесно препознатлив и не ги ставаме потрошувачите во заблуда, па кога ќе се разгледаат сите овие карактеристики лесно може да се одговори на прашањето зошто Skopje City Mall e примамлив и успешен.

Денар: Постојано организирате различни настани, кампањи и активности. Како успевате да ги искоординирате сите задачи и обврски?

Примарна цел на маркетингот е да ја подобри продажбата, па така е и во нашиот бизнис. Конкретно нашиот оддел анализира што им е потребно на закупците и потрошувачите, ја следиме посетеноста на трговскиот центар, спроведуваме истражувања и врз база на тие индикатори одговараме соодветно со кампањи и настани.

Исто така, ние како одговорна компанија сме организатори и поддржувачи на многу настани и хуманитарни кампањи. Искуството и знаењето кои ги поседуваме за нашата работа ни даваат слобода и доволно комфорт да успеееме да се искоординираме и да ги завршиме навремено и ефикасно нашите задачи и обврски. Ние во Skopje City Mall сме мал и силен тим, кој има јасна визија и притоа знае како да ја оствари.

Денар: Најавена е голема роденденска прослава на трговскиот центар. Споделете ни што всушност ќе се случува тие денови?

По повод мини-јубилејот 5 години, подготвивме многу активности кои ќе ги опфатат речиси сите целни групи. Тридневен шопинг фестивал со попусти од 6ти до 8ми октомври, до Late Night Shopping со интересни активности на 7ми oктомври, ултра-спектакуларно музичко ретро шоу со домашни изведувачи кои ги создадоа најголемите хитови од 90тите години, настап на реномираниот Dj James Zabiela, а на 8ми октомври семеен ден посветен на најмалите со настап на Петко и бендот 5+ . Сѐ на сѐ можам да заокружам дека ова е еден од најинтересните настани што се направени во последно време на нашите простори.

Денар: Во Skopje City Mall се доста актуелни попустите и големите распродажби, нешто без што не може да се замисли еден трговски центар. Колку се тие важни за доброто функционирање на молот?

Попусти, распродажби, ликвидациии… Доста интересна тема за дискусија. Тие се важни за потрошувачите кои купуваат на попуст, но не и за оние кои сакаат навремено да ги имаат најновите парчиња од колекциите. Нашиот став околу ова прашање е многу јасен, ние ги промовираме попустите и распродажбите исклучиво во периодите од годината кои се карактеристични за тоа. На пример, август – финална распродажба на колекциите пролет-лето, но знаеме да се обратиме и на нашите закупци за специјална кампања со попусти по некој повод, како на пример роденденот на Skopje City Mall или Black Friday. Имаме доста строга и ригорозна политика околу оваа тема, досега сме немале случај да ги донесеме посетителите во заблуда дека имаме попусти а во реалноста да ги нема. Претпочитаме за време на ваквите кампањи да правиме фотографии со етикетите на производите (нивната стара и нова цена).

Денар: Изминативе години бележите многу успеси, Skopje City Mall е речиси секогаш полн со купувачи, ќе споделите и со нас какви резултати постигнавте во овие 5 години?

Имаме над 35.000.000 посети, над 1.608.316 посетители во киното Cineplexx до средината на месец септември 2017. Потрошувачката во Skopje City Mall од 2012 до 2016 година е зголемена за 51%. На социјалната мрежа Facebook имаме 230.000 фанови на facebook.com/skopjecitymall, а наградивме над 6.000 потрошувачи за својата лојалност. Околу 330 хуманитарни настани се директно поддржани или иницирани од Skopje City Mall. За нашите потрошувачи организирани се над 220 кампањи и настани, околу 50 дружења со фанови на врвни домашни и странски ѕвезди, 12 музички концерти, 4 модни шоуа и 4 интернационални патувачки настани. Во локалите се директно вработени околу 1460 вработени, а за сѐ да функционира беспрекорно, секојдневно се ангажирани околу 60 вработени од разни сектори и компании за потребите во трговскиот центар.

Денар: Можете ли да ни најавите дел од Вашите идни планови и новости во трговскиот центар?

Ни претстои интересен период, до крајот на годината ќе имаме уште две големи продажни кампањи, еден интернационален настан и многу интересни активности по повод Новата година и Божиќ. Нашите планови за следната година се дефинирани и настојуваме да донесеме и имплементираме атрактивни кампањи и настани, со кои ќе го задржиме вниманието на потрошувачите кон нашиот трговски центар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП