19 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Тома Аргир – техничкиот и оперативен директор на Skopje City...

Интервју со Тома Аргир – техничкиот и оперативен директор на Skopje City Mall

Денар: Сите добро го познаваме Skopje City Mall однадвор, но ретко кој ги знае техничките работи потребни за функционирањето на еден трговски центар. Што всушност се подразбира под тоа и кои луѓе се директно вклучени во неговата работа?

За пријатниот амбиент кој го доживуваат нашите посетители, ангажирана е прилично голема машинерија, а тоа би биле 14 ескалатори, 7 лифтови, 12 чилери, 14 клима комори, над 300kW електрично осветлување и 6MW ладење и греење. За оптималната работа на трговскиот центар на дневна основа се грижи персонал од повеќе области (техника, информациски пулт, хигиена и обезбедување). Над  54 лица во Skopje City Mall секојдневно се грижат сѐ да биде во најдобар ред.

За просторот на закупците се грижат тие самите, но под будното око на контролниот систем на Skopje City Mall. Еве да направам една паралела: Skopje City Mall секојдневно ангажира разни видови на ресурси речиси како за еден помал град во Македонија.

Денар: По што се разликува Skopje City Mall од другите трговски центри, односно со што може да се пофали?

Самото мото на трговскиот центар дава одговор на ова прашање. Во Skopje City Mall можеш да најдеш сѐ што сакаш. Ова претставува наше мото во водењето на трговскиот центар. Настојуваме ова да го пренесеме на сите наши закупци.

Денар: Дали досега имало некои непредвидени и кризни ситуации? Доколку се појавиле, како Skopje City Mall се справува со нив?

За среќа досега не сме имале сериозна ситуација која би ја издвоиле како таква. За овие 5 години сме имале неколку ситни инциденти на кои сме реагирале навремено и ефикасно. Оперативниот сектор секогаш е подготвен за интервенција. Тоа го постигнуваме со редовна обука и одржување на вежби за кризни ситуации кои би можеле да се случат.

Денар: Какви способности треба да поседува еден менаџер да може да ги извршува Вашите обврски?

Покрај општо прифатените способности кои треба да ги поседува секој менаџер, како што се планирање, организирање, контрола и мотивирање, потребно е да поседува и лидерски способности. Мултидисциплинарни способности би биле познавања од неколку области, односно водовод, канализација, климатизација, електрика, телекомуникации и компјутерски вештини, буџетирање, градежништво, обезбедување и сл.

Денар: Колку Skopje City Mall како објект рециклира и дали водите статистика колку и какви материјали?

Skopje City Mall се труди што повеќе да придонесе кон задржување на здрава и чиста животна средина. Тоа го постигнуваме со минимално користење на гориво за загревање – претежно се користи системот на топлински пумпи кои се со висок коефициент на претворање на електрична енергија во топлинска. Покрај водењето сметка за оптимална климатизираност на просторот, Skopje City Mall се грижи отпадот да биде рециклиран колку што е можно повеќе. На годишно ниво рециклираме околу 27% од вкупниот отпад. Ова бројка за идните три години е проектирана на 35%. Најчест отпад кој се транспортира за понатамошна рециклажа е хартијата, најлонот, пет амбалажата, флуоросцентното осветлување, батериите, дрвото и сл.

Денар: Амбиентот во Skopje City Mall е секогаш пријатен, на лето е свежо, а зима е топло – кои параметри на температри ги имате поставено?

Тука можам да кажам дека се придржуваме на препораките и усвоени стандарди. Тоа се проектирани параметри, односно на надворешна летна температура од 35 степени, амбиенталниот воздух да биде 26 степени, додека на надворешна зимска температура од -15 степени, внатрешниот амбиентален воздух да биде околу 20 степени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП