18 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Ѕидот на љубовта во Скопје - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Ѕидот на љубовта во Скопје – М-р Раде Чоловиќ

Во ова наше Скопје човек не може да не биде добро информиран, треба само да се погледнат ѕидовите на зградите. Од таму ќе разберете кој е пед.., кој ќе оди во Шутка,  кога играл вашиот омилен клуб во 2009 година и многу други работи.

За волја на вистината има и многу интересни графити кои за мене се и уметност, но вистината е дека се уништува приватен и општествен имот и дека се нагрдува (уште повеќе) овој град.

Википедија ги дефинира графитите како:

“Уметничка форма во која што спаѓаат сите графички дела на нечија сопственост. Графитите датираат уште од времето на Античка Грција и Римската Империја. Во денешно време, најчесто се користи боја како што се лименките со боја (спрееви) и маркери. Во повеќето држави цртањето на графити на нечија сопственост се смета за вандализам, без дозвола од сопственикот. Понекогаш графитите се користат за објавување на политички пораки. За некој графитите се уметност, а за некој само вандализам. Сегашните графити (најчесто букви во три-димензионален облик со разни бои и потписи т.н тагови) потекнуваат од Хип-Хоп Културата”.

(извор: Wikipedia).

Дали се графитите вандализам или уметност одлучете си сами, јас само сметам дека не треба да ги има насекаде по зградите (иако Буба не живее во центар и не оди на кеј и можеби нема да види дека ја сака …..). Од друга страна пак мислам дека има делови од градот, на пример бетонските столбови на Транспoртниот Центар кои плачат за оплеменување со графити во вид на мурали, а не чкртаници и глупи пораки.

Во Прага има едно место кое се вика Ѕидот на Џон Ленон, а кој бил видел дека таму се цртаат графити, се пишуваат пораки,  се собираат музичари и на различни начини се слави љубовта. Она што е интересно е дека ѕидот од време на време се пребојува со бела боја и цртањето графити и пишување пораки започнува од почеток. Овој ѕид, ова место, им овозможува на многумина да се искажат, на младите уметници да сликаат, а и не е досадно со тоа што нови слики односно цртежи повторно и повторно се раѓаат.

Е сега да споиме убаво со корисно кај нас.

На кејот на Вардар, кај зграта на Владата и Жабарот како и на спротивната страна од Вардар има ѕидови на кој срамежливо има по некој графит. Велоспипедските и пешачките патеки, скејт паркот од една страна, пешачкиот мост на Варадар, близината на плоштадот, Градски Стадион и Градски парк, како и двете институции од другата страна (Водовод и Царина) прават во тој дел постојано во текот на денот да има многу луѓе но и многу туристи.

Ајде да ги искористиме тие ѕидови. Дали директно на нив или на нив закачени гипс картонски панели, да можат да се цртаат графити, да се изјавуваат љубовни и други пораки, нека доаѓаат туристи да се сликаат и така натаму и така натаму.  Ете, едната страна да ја наречеме Ѕид на љубовта (all we need is love), а другата страна Ѕид на вистината . На првиот да се цртаат графити и оставаат пораки за љубовта, а на другиот графити и пораки од социјален, политички, спортски, економски и сличен карактер.

Сметам дека нема да биде голема инвестиција во гипс картон и во поликолор за правење и фарбање на ѕидовите. Град скопје или Општина центар можат постојано на своите сајтови или Facebook профили да објавуваат слики или да известуваат за настаните таму. Верувам дека многу брзо овие места ќе станат култни места и уште едно место каде што туристите ќе доаѓаат и ќе се фотографираат. Исто како во Прага од време на време ѕидовите да се фарбаат во бело и се да почнува одново.

И да, оставете ги фасадите на зградите на мира.

М-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП