29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРегионални разлики: најбогато во Скопје - до кога?

Регионални разлики: најбогато во Скопје – до кога?

Најбогато во Скопје, најсиромашно во Виница и Каменица. Во Македонија има драстични разлики во развиеноста на регионите. Жителите на главниот град имаат повисоки плати, но и поголема продуктивност во однос на останатите делови од државата.

Единствено скопјани имаат повисоки плати од државниот просек. Според публикацијата „Регионите во Република Македонија“ на Државниот завод за статистика (ДЗС) лани во главниот град просечната нето плата била 26.243 денари. Следуваат Полог со 21.484, Пелагонија со 20.600, Југозапад со 20.044, Вардарски со 17.699, Југоисток со 17.506 и Исток со 16.701 денари.

Платите се одраз и на продуктивноста. Скопје е на прво место и според БДП по глава на жител. Тој во главниот град бил 5.950 евра, во Југоисточниот регион 4.950, во Вардарскиот 4.450. Најнизок е во Полог, само 1.900 евра. На ниво на Македонија истата година БДП по жител бил 4.150 евра.

Македонија има стратегија, па дури и посебен орган кој треба да ја спроведува – Бирото за рамномерен регионален развој.

Оваа институција финансира проекти во посиромашните општини. Според официјалната интернет страница, целите на институцијата се рамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, намалување на разликите меѓу планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани. Колку е успешно нивното достигнување покажуваат статистичките податоци.

Овој проблем кој се провлекува со децении го увидуваат и надлежните.

„Да се развие економскиот живот насекаде во Македонија, не само во Скопје. Сведоци сме дека најголем дел активностите се одвиваат овде и во иднина е потребно да се дисперзираат што е повеќе можно и да се овозможат услови за живот и во другите краеви во Македонија“, изјави министерот без ресор Зоран Шапуриќ.

Државата сега ќе се обиде да ги пегла разликите и преку формирањето јавни приватни партнерства кои би користеле европски фондови за оваа сфера. Целиот проект се спроведува во координација со невладиниот сектор.

„За овој кус период имаме одредени позитивни и негативни искуства, и во иднина мора да посветиме многу поголемо внимание на оваа форма на инвестирање. Ова е многу значајно имајќи ги предвид лимитираните финансиски капацитети, како на централните власти, така и на локалната самоуправа. Особено на јавното – приватно партнерство како фактор во порамномерен регионален економски развој, што е една од основните потреби на економскиот развој во Македонија“ вели Шапуриќ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП