19 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочна 38. фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

Почна 38. фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

Со македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски, а потоа и со премиерата на бугарско – македонската копродукција „Насоки“ на бугарскиот режисер Стефан Командарев, прв од филмовите во официјалната селекција, вечерва во Битола почна 38 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Според програмата, пред проекциите на филмовите, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на фестивалот ќе му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на францускиот кинематографер Пјер Лом. Вториот добитник на наградата за животно дело, италијанскиот кинематографер Џузепе Ротуно заради својата возраст не дојде во Македонија.

За време на гала отварањето на фестивалот ќе се одржи и перформанс во режија на Нела Витошевиќ. Кореограф е Искра Шукарова, а ќе настапат актерите Сашко Коцев, Драгана Костадиновска, Денис Абдула, танчерот Агим Бафтии и студените од одделот за современ танц при Факултетот за музичка уметност од Скопје.

По свеченото отварање ќе биде прикажан филмот „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски, а веднаш потоа публиката ќе ја проследи проекцијата на филмот во бугарско-македонска копродукција „Насоки“, чиј кинематографер е Веселин Христов. Копродуцент на овој филм кој беше прикажан во престижната програма „Извесен поглед“ во Кан, е „Сектор Филм“ на македонските продуценти Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

Годинашното издание на фестивалот има 10 различни филмски програми, 13 филмови во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, меѓународното жири го предводи Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка, а членови се: Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани – Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист, од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП