19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа детски едукативни инсталации во Скопје ќе се потрошат 4,7 милиони денари

За детски едукативни инсталации во Скопје ќе се потрошат 4,7 милиони денари

Градот Скопје по спроведената постапка за јавна набавка и објавениот конкурс за избор на идејно решение и реализација на детски едукативни инсталации во парк „Македонија“, парк-шума „Водно“ и Градски парк во Скопје на тема: „Во имагинарниот свет на децата“, потпиша договор за реализација и изведба на детски едукативни инсталации на овие три локации.

Договорот е потпишан меѓу Град Скопје и Стримформ ДОО – Скопје, претставувана од Горан Дамјаноски. За реализација на овој проект Градот Скопје од буџетот издвои 4.708.200 денари.

Просторна инсталација „Љубопитните орли“ ќе биде поставена на дел од зелената паркова површина на просторот на Средно Водно помеѓу Хотел „Водно“ и Жичницата во општина Центар. Просторната инсталација „Љубопитните орли“ на композициски план треба да е составена од повеќе делови, и тоа: композиција од 4 орли, како и правилна геометриска структура која претставува асоцијација на просторот – слично на трон на кој тие стојат. Инсталацијата претставува композиција од волумени изработени од челична ламарина која треба да биде ласерски отсечена во саканата форма. Композицијата да биде составена од рамнини и волумени кои меѓусебно се заварени до заоблен профил за поголема безбедност. Подлогата ќе биде направена од излиен бетон во калапи од посакуваната форма. Бетонот треба да биде избоен со соодветна боја за бетон, отпорна на атмосферски влијанија.

Просторна инсталација „Жабецот принц“ ќе биде поставена на дел од зелената паркова површина на просторот помеѓу Луна-паркот и кафулето „Централ парк“ во општина Карпош. Просторната инсталација „ Жабецот принц“ на композициски план треба да е составена од повеќе делови, и тоа: Композиција од жаби (од кои едната е принцот), како и правилна геометриска структура која претставува асоцијација на листови. Инсталацијата претставува композиција од волумени изработени од челична ламарина која ласерски се отсекува и потоа заварува до саканата форма, а потоа електростатски се бојадисува со трајни бои со што се остварува посакуваниот изглед. Подлогата ќе биде направена од излиен бетон во калапи од посакуваната форма. Бетонот треба да биде избоен со соодветна боја за бетон отпорна на атмосферски влијанија.

Просторната инсталација „Октоподот Хенк“ ќе биде поставена на дел од зелената парковска површина на потегот помеѓу Булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Јуриј Гагарин“ и улицата „Братфордска“ во близина на националниот ресторант Македонска куќа во општина Карпош.

Просторната инсталација „Октоподот Хенк“ на композициски план треба да е составена од повеќе делови, и тоа: Главата на октоподот, како и композиција од негови делови распоредени радијално околу главата. Инсталацијата претставува композиција од волумени изработени од челична ламарина која ласерски се отсекува и потоа заварува до саканата форма, а потоа електростатски се бојадисува со трајни бои со што се остварува посакуваниот изглед. Подлогата е направена од камена бела ризла чија слободна и променлива форма претставува асоцијација на аморфноста на морските бранови од кои излегува телото на октоподот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП