19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија – седиште на центарот за културна соработка меѓу Kина и 16...

Македонија – седиште на центарот за културна соработка меѓу Kина и 16 земји на Централна и Источна Европа

На третиот форум за соработка помеѓу Кина и земјите на Централна и Источна Европа (16+1), кој деновиве се одржа во Хангџоу, Кина, беше потпишан меморандум за разбирање помеѓу министерствата за култура, со кој се воспостави координативен Центар за културна соработка, чие седиште ќе биде во Македонија.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, изрази голема благодарност до сите учесници за укажаната доверба за воспоставување на Центарот за културна соработка на иницијативата „16+1“ во нашата земја.

„Ја истакнуваме нашата посветеност и заложба овој центар да се операционализира што побргу и да почне да придонесува со конкретни програми и активности за зајакнување на нашата соработка“, истакна министерот Алаѓозовски.

Тој ја искористи можноста да ги покани домаќините и сите членки на иницијативата да ја посетат нашата земја за време на одржувањето на меѓународните манифестации на кои редовно се претставуваат еминентни уметници од НР Кина и регионот.

„Светот денес се соочува со многу предизвици и ризици, од безбедносен, економски, политички аспект. Културата и понатаму останува една од ретките отворени врати, сила што обединува и успева да ги надмине границите и поделбите, да ги негува и промовира различностите во секој аспект. Искрено се надевам дека со оваа иницијатива ќе успееме да ги отвориме уште повеќе вратите на соработка меѓу нас, а со тоа да придонесеме за помирен, постабилен и попросперитетен свет“, порача Алаѓозовски.

Иницијативата на НР Кина со процесот „16+1“ има цел да ја интензивира и прошири соработката со 11-те земји членки на ЕУ и 5-те балкански земји и тоа во областа на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделството, финансиите, науката, образованието и културата, што ќе овозможи внатрешен развој на земјите, регионална поврзаност и поголема соработка во насока на забрзан економски развој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП